Професорот на Медицинскиот факултет Скопје, епидемиологот д-р Драган Даниловски, во своето денешно гостување на националната ТВ Канал 5, во емисијата ,,Само вистина” се осврна на вирусот кој е топ тема во целиот свет, па и кај нас.

Даниловски Корона ја опиша како чума каква човештвото не памети, вирус кој веројатно ќе биде пострашен и од Шпанската чума во 1918 година, кога се заразила половина од светската популација.

Во интервју дадено за ,,Нова Македонија” минатата недела, професорот прецизно ја објасни структурата на овој вирус, поенти кои ги повтори и вечерва:

-За вирусите е својствено во нивниот геном периодично да настануваат помали или поголеми мутации, кои се во функција на зголемување на нивната моќ да опфатат колку што е можно повеќе домаќини (хумани или анимални). Со климатските промени и нарушувањето на еколошката рамнотежа, веројатно, може да се очекуваат почести мутации на вирусите и во иднина.

Во случајот со САРС-КоВ-2, предизвикувачот на актуелното заболување ковид-19, всушност се работи за мутиран причинител на САРС (САРС-КоВ-1), респираторно заболување, кое меѓу ноември 2002 и јули 2003 година се јави во епидемиска форма во јужна Кина и Хонгконг.

Тогаш заболеа 8.098 лица, а починаа 774 или 9,6 отсто. Меѓутоа, КоВ-2 има 1.000 пати поголем потенцијал да ги инфицира клетките од КоВ-1, а од друга страна, се распространува лесно и брзо како вирусот на сезонскиот грип и предизвикува помалку смртоносна болест од САРС, што му обезбедува многу висок епидемиски потенцијал.

Најнова информација е дека кинеските научници откриле дека вирусот мутирал во нов сој (најден кај 30 отсто од испитуваната група пациенти), помалку агресивен од оригиналниот, а оригиналниот, поагресивниот, бил најден кај 70 отсто од нив.

Ова покажува дека не е точно досегашното мислење дека вирусот е генетски стабилен!

Се смета дека новиот (помалку агресивниот) сој во моментов доминантно се распространува низ светот (и предизвикува асимптоматски инфекции или со лесни симптоми, со застапеност до 80 отсто), иако „оригиналот“ (поагресивниот) си циркулира и понатаму во помала мера (и предизвикува инфекции со тешка и многу тешка клиничка слика, со застапеност од околу 20 отсто).

Сега веќе може да се објаснат и случаите на наводна повторна инфекција со истиот вирус. Всушност, се работи за последователни инфекции со два различни вируси (два соја на вирусот КоВ-2)0.

Елемент што ја објаснува високата агресивност (вируленција) на оригиналниот вид на вирусот КоВ-2 е фактот што, за разлика од неговиот претходник САРС-КоВ-1, оригиналниот КоВ-2 се врзува за истиот ензим (фурин) во мембраните на хуманите клетки, на кој се врзуваат и вирусите на ебола и ХИВ.

Во неговиот геном, професорот Руан Јишоу и неговиот тим од универзитетот „Нанкаи“, нашле гени што воопшто не постојат во САРС-КоВ-1, но ги има во ХИВ и вирусот на ебола! Токму тоа и загрижува и внесува доза неизвесност околу прогнозата на неговото поведение.

Професорот во вечерашното гостување, како дополнување на своите препораки дадени изминатите денови, а тоа се пред сè лична хигиена и што е можно повеќе избегнување на контакти, особено со лица кои покажуваат симптоми, упати и уште еден важен апел до родителите:

-Сакам да апелирам до родителите на децата кои во следниот период, а по одлуката на владата, нема да посетуваат настава, да не им дозволуваат од училишните клупи, да се преселат во кафеаните и диско клубовите. Ова не е време за дружење и социјален живот, потенцираше д-р Драган Даниловски.