Ако започнете со прелистување на старите готвачи на вашите мајки, сигурно ќе наидете на овој звучен наслов „Чудо од едно јајце“.

Популарниот колач на нашите мајки и баби секогаш го имаше на нашите трпези при доаѓање на ненајавени гости, бидејќи за негово приготвување е доволно само половина час.

Потребни состојки за бисквит: 1 јајце, 1 чаша (од 200 мл) шеќер, 1 чаша мелени ореви, 1 чаша млеко, ½ чаша масло, 1 чаша брашно, 1 прашок за печиво и 1 ванилин шеќер

Постапка: Изматете го јајцето, па додадете половина од шеќерот и 1 кесичка ванилин шеќер, и продолжете со миксање додека да добиете густа кремава текстура, потоа додадете го млекото и со постепено мешање додадавајте го остатокот од шеќерот.

Потоа со лажица измешајте ги оревите и маслото, и на крај брашното помешано со прашокот за печиво. Вака приготвената смеса прелијте ја во намастен и набрашнет калап (20х30). Печете во загреана рерна на 170-180 степени околу 20-25 минути.

Совет: Бисквитот мора да биде сочен, па затоа е важно да не го препечете. После 15 минути од печењето, проверете со чепкалка дали е печена средината на бисквитот. Доколку не остануваат траги на чепкалката, можете да го извадите од рерна.

Ако сакате бисквитот да ви биде уште посочен, кога ќе го извадите од рерна, прелијте го со врело млеко помешано со малку рум.

Потребни состојки за крем: 1 пудинг од ванила, 300 мл млеко, 2 лажици шеќер и 150 г путер. (За повисок крем, употребете 2 пудинга, 600 мл млеко и 5 лажици шеќер). Постапка: Одвојте 100 мл од млекото и во него измешајте го пудингот и шеќерот, а остатокот од млекото ставете го да проврие.

Намалете го огнот па во врелото млеко полека со мешање додадете го подготвениот пудинг. Кога ќе згусне, тргнете од оган и оставете да излади, па потоа додадете го путерот и убаво измешајте со миксер. На изладениот бисквит додадете го кремот а одозгора поросете со рендано чоколадо или мелени ореви.