Рецепт на Ане Велеска. Ова е еден од најдобрите рецепти за мекици кои не впиваат масло кога се пржат, а излегуваат многу вкусни, меки како памук со воздушни меури во средината. Може да ги јадете за појадок, вечера или закуска со сирење, но може да ги јадете и со џем или шеќер. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 мл млеко, 1 коцка свеж квасец, 1 кесичка прашок за печиво, 4 јајца, 1 супена лажица сол (или по вкус), 200 мл јогурт, околу 1,4 кг брашно (помалку или повеќе).
Од оваа количина излегува доста тесто кое можете да го чувате во фрижидер до седум дена и да си вадите од тестото по потреба. Но, доколку сметате дека ви е многу, тогаш соодветно намалете ги состојките. Еве како се приготвува:
ПОСТАПКА: Сите состојки треба да бидат на собна температура, а ова особено важи за јајцата, млекото и јогуртот, кои обично се вадат од фрижидер непосредно пред подготовката на рецептот, па потоа тој излегува неуспешен.
Затоа, јајцата и јогуртот извадете ги навремено од фрижидерот за да бидат на собна температура. Млекото малку загрејте го да биде млако/топло, па во него растворете го квасецот со една мала лажичка шеќер.
Оставете 10-тина минути на топло место без провев за да се активира квасецот и да запени. Доколку користите сув квасец, тогаш употребете две кесички. Во еден поголем сад за месење ставете поголем дел од брашното, јајцата, јогуртот, солта и млекото со квасецот.
Добро измешајте со лажица додека да се соединат состојките и брашното да ја впие течноста. Потоа замесете го тестото со рака и додајте го остатокот од брашното. Треба да добиете средно меко тесто како за кифлички (да не е тврдо).
Откако добро ќе го измесете, ставете го во некој поголем сад малку намастен со масло. Покријте го тестото со кеса или проѕирна-стреч фолија која треба да ја намастите од внатрешната страна за да не се залепи тестото за неа.
Вака подготвено тестото може да стои во фрижидер и до 7 дена во фрижидер. Кога ќе посакате да си испржите мекици, извадете го тестото и со рацете правете ги (развлекувајте ги намастени раце во што потенки корички).
Во садот во кој ќе ги пржите се става малку масло, околу еден прст, па се пржат мекиците. Тестото што ви останало повторно се враќа во фрижидер. Мекиците можете да ги јадете со сирење, со слатко од смокви – јас така ги сакам, а вие можете со што вие сакате, по желба и вкус.
Тестото можете да го користите за неколку часови, а најдобро следниот ден. Веќе кога го имате во фрижидер, можете да си правите мекици за појадок, вечера или некој ако ви дојде на гости, бидејќи се брзи и навистина се меки, добри и не впиваат масло.