Многу вкусна чоколадна торта од која само од изгледот ќе ви потечат лиги. Се подготвува многу брзо и се пече само 20 минути. Рецептот го добив од тетка ми, а таа го препишала од некоја нејзина пријателка.

Тортата се подготвува вака: Жолчките се матат со шеќерот и чоколадото, потоа сè се соединува со омекнатиот путер и на крајот целата смеса се соединува со белки. Од истите состојки се издвојува дел и за премачкување односно фил.




Потребни состојки: 250 г путер, 12 јајца, 250 г шеќер, 200 г чоколадо за готвење, 2 лажици презла (може и мелени бисквити), 200 г мелени ореви. Постапка: Одделете ги белките од жолчките. Изматете ги жолчките со шеќерот додека да побелат и потоа додајте го омекнатото чоколадо кое претходно малку сте го загреале на пареа.




Во посебен сад изматете го путерот, претходно отстојан на собна температура. Соединете ги изматените жолчки и путерот и добро измешајте. Од добиената маса одвојте 1/3 за филот. Во другите 2/3 додајте ја презлата и оревите, лесно измешајте и само на крајот додајте ги лесно изматените белки.




Истурете ја смесата во голем плех и печете на 180 степени околу 20 минути. Испечената кора оставете да се излади и исечете ја на четири еднакви долги ленти и премачкајте го секој бисквит со кремот што го одвоивте па редете ги една врз друга. Одозгора можете да изрендате чоколадо! / Coolinarka.com




II РЕЦЕПТ. Оваа торта кога еднаш ќе ја вкусите – ќе ви стане хит! Лесно и едноставно се приготвува, а вкусот е неодолив. Под пишаниот рецепт можете да го погледнете и видеото со деталите од постапката.

Потребни состојки: 100 г црно чоколадо, 85 г путер, 6 г какао, 100 г шеќер, 6 јајца, 1 прстофат сол. Тортата се пече 10-12 минути на 180 степени, а се приготвува во плех со димензии 40х30 см или приближно. За крем: 130 г црно чоколадо, 75 г млеко, 10 г кафе, 300 г слатка павлака, 25 г шеќер.




Постапка: Исечканиот путер на собна температура заедно со црното чоколадо растопете го на пареа или во микробранова печка. (Во видеото се користи сад со топла вода на 60 степени).

Откако ќе се растопат путерот и чоколадото промешајте ги за да се изедначи смесата. Од јајцата одвојте ги посебно белките и жолчките. Во жолчките додадете 20 г шеќер и 6 г какао во прав (околу една лажица), па изматете со миксер убаво да згусне.




Во смесата со жолчки додадете го растопеното чоколадо со путер, па повторно измиксајте до изедначување. Во белките додадете прстофат сол (1 г сол), па изматете додека да добиете пена. Потоа започнете да додавате шеќер, вкупно 80 г, на трипати.

На тој начин полесно ќе се изматат белките и шеќерот ќе се растопи целосно. Кога ќе добиете убав цврст снег од белки, една третина од него додадете во смесата од жолчки и промешајте внимателно со жица или шпатула.




Постепено додадете го и остатокот од снегот од белки, а кога ќе го соединувате со претходната смеса внимавајте да остане воздушеста. Добиената смеса распоредете ја во плех обложен со хартија и израмнете. Протресете го плехот и неколку пати потчукнете го од масата за да излезат воздушните меурчиња.

Потоа ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 10-12 минути. Печената кора оставете ја да излади, па отстранете ја хартијата и пресечете ја на три дела (да добиете три кори).




Во едно тенџере ставете 10 г кафе во зрно и 75 г млеко. Загрејте на умерен оган додека да зоврие, а потоа исклучете го огнот, поклопете го тенџерето и оставете да излади млекото (Како алтернатива на ова доколку немате кафе во зрно, во топлото млеко може да ставите една лажица нес кафе или по вкус).

Потоа уште еднаш вклучете го огнот до зовривање, па млекото процедете го и додадете го во 130 г црно чоколадо. Почекајте 3 минути па промешајте додека чоколадото да се растопи и соедини. Оставете да подизлади.




Во 300 г слатка павлака додадете 25 г шеќер па изматете со миксер додека да добиете шлаг. Додадете го растопеното чоколадо и продолжете со матење. Редење: кора – 1/3 од кремот – кора – 1/3 од кремот – кора – остатокот од кремот (обложете ја целата торта).

Тортата оставете ја најмалку два часа во фрижидер за да излади и да се стегне. Одозгора декорирајте со рендано чоколадо. Постапката можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ.