Според рецептот на Александар, подгответе ја оваа многу вкусна и освежителна торта со јагоди. Како што пренесува тој, ќе ви бидат потребни само 4 намирници кои веќе ги имате во домот. Доколку сте обожаватели на овесните снегулки, оваа торта ќе биде вашиот број 1 десерт за ова лето. Рецептот доби многу пофалби, бидејќи е едноставен.

„Како да не ја подготвиш, ем е економична, ем вкусна,“ вели еден од коментарите под рецептот. За оваа торта ќе ви бидат потребни овесни снегулки, какао, неколку свежи јагоди и банани. Кој сака може да додаде и цимет, кој го обожава неговиот вкус. Подетално количините погледнете ги подолу, еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 зрели банани, 2 лажици незасладено какао, 1/2 лажичка мелен цимет (по избор), 300 г овесни снегулки, свежи бобинки – јагоди. За глазирање: 1 банана, 1 лажица незасладено какао.

ПОСТАПКА: За овој рецепт, Александар препорачува да се користат зрели, потемнети банани кои се поблаги, па затоа нема потреба од додавање на шеќер. Земете 3 банани, излупете ги и скршете ги на помали парчиња. Ставете ги во блендер или во подлабок сад. Додајте 2 лажици незасладено какао и 1/2 лажичка цимет (опционално).

Изблендирајте во статичен блендер или со рачен блендер, во зависност каков имате. Треба да добиете течна и еднолична смеса, без грутчиња. Вака подготвената смеса излејте ја во подлабок сад каде што претходно сте ги ставиле овесните снегулки. Измешајте добро додека да се формира паста која ќе го натопи сиот овес.

Смесата треба да добие погуста конзистентност и да биде слична на влажен песок. Вака подготвената смеса поделете ја на два еднакви дела со шпатула. Едниот дел извадете го и пренесете го во калап со помал пречник, обложен со хартија за печење. Пожелно е калапот да биде со флексибилен обрач, за да може лесно да се извади.

Излејте ја првата половина во калапот и израмнете ја со натапкување, кое може да го направите со дното на една чаша. Настрана измијте и исечкајте ги јагодите или друго црвено бобесто овошје (како што наведува Александар, со јагоди е највкусна). Отстранете ги петелките на јагодите и поделете ги на половина па легнете ги со пресечената страна врз израмнетиот чоколаден слој.

Врз јагодите нежно излејте го вториот дел од смесата и повторно израмнете на истиот начин. Вака подготвената торта се покрива со проѕирна фолија и се остава да отстои неколку часа во фрижидер, но најдобро е преку цела ноќ, за добро да се стегне. Следниот ден се подготвува глазурата.

За глазура: Излупете ја бананата и исечкајте ја на помали парчиња. Изблендирајте во блендер со 1 лажица какао во еднолична смеса која лесно се излева (треба да има течна конзистентност). Излејте ја глазурата преку оладената торта која треба да ја извадите од обрачот. Глазурата може да се подготви и со растопено темно чоколадо. Потоа, може веднаш да се послужи. Деталите погледнете ги ОВДЕ.