Можете да прочитате два начини за приготвување на овој вкусен десерт кој буквално се топи во уста со својот неодолив вкус на чоколадо. За вториот рецепт има и видео на кое можете да ја погледнете постапката. Во првиот рецепт изладениот кох се прелива со врело млеко, а во вториот се прелеваат кога и двете се врели.

РЕЦЕПТ 1 Фото и рецепт: Аиса. Потребни состојки: 3 белки, 8 лажици шеќер, 3 жолчки, 12 лажици масло, 12 лажици млеко, 8 лажици брашно, 1 прашок за печиво, 3 лажици какао. За прелив: 500 мл млеко и 12 лажици шеќер. За глазура: 1 филџан (за кафе) млеко, 4 лажици шеќер, 90 г путер и 100 г чоколадо за готвење

Постапка: За кора: изматете ги белките со 8 лажици шеќер. Во изматениот снег додадете 3 жолчки, 12 лажици масло, 12 лажици млеко, 9 лажици брашно, 1 прашок за печиво, 3 лажици какао. Измешајте со лажица, смесата да остане пенлива и воздушеста.

Од добиената смеса испечете кора (во загреана рерна на 180 степени) во намастен и набрашнет плех со средна величина и изладете ја. За прелив: Откако печената кора ќе излади прелијте ја со сварено млеко и шеќер.

Глазура: Сварете филџан млеко со 4 лажици шеќер, потоа додадете путер и чоколадо. Кога ќе се соедини прелијте преку колачот. Чоколадниот кох е најдобро да се приготви еден ден пред послужување за да има време убаво да се олади, да го впие млекото и да се стегне глазурата.

РЕЦЕПТ 2 – Потребни состојки: 4 јајца, 6 лажици шеќер, 2 ванилин шеќер, 1 рум шеќер, 4 лажици гриз, 100 г чоколадо и 800 мл млеко

Постапка: Најпрво пригответе помал плех во кој ќе го печете кохот: Намастете го и набрашнете го, а рерната вклучете ја да се загрева на 200 степени.

Изматете ги белките во цврст снег со 4 лажици шеќер, па додадете гриз, жолчки и ванилин шеќер. Полека со лажица или шпатула промешајте за да се изедначат состојките.

Доколку сакате, во смесата можете да додадете и една шака суво грозје. Добро промешајте. Смесата излејте ја во приготвениот плех и печете ја околу 20 минути на 200 степени. Во моментот кога ќе биде испечен кохот, треба да биде провриено и млекото за прелевање.

Млекото сварете го, додадете ванилин шеќер и 2 лажици шеќер. Додадете и 100 г чоколадо и рум шеќер за вкус.

Кога ќе зоврие и чоколадото ќе се растопи, прелијте ја печената кора која можете малку да ја избоцкате со виљушката (топло-топло). Оставете да впие и да се олади добро.

Постапката можете да ја погледнете во видеото: