Фото и рецепт: Лиле – Кифличките се прават со тесто од свежо сирење, со прашок за печиво наместо квасец, па се прават веднаш, без дигање на тестото. Додека се загрее рерната, тие се спремни за печење.

Потребни состојки: 250 г брашно, 3 рамни лажички прашок за печиво (1/2 кесичка), 1 лажичка сол, 125 г свежо сирење, 1 белка, 50 мл млеко, 50 мл масло. За премачкување: 1 жолчка, 1 лажица млеко, малку црн пипер, сусам, ленено семе, ким или други семки

Постапка: Во еден сад просејте го брашното и прашокот за печиво. Додадете ги преостанатите состојки и замесете мазно тесто кое се одвојува од ѕидот на садот.

Тестото префрлете го на набрашнета работна површина и уште малку домесете го. Развлечете го во кора со тркалезна форма и дебелина од 0,5 см. Поделете го на 8 триаголници.

За поголеми кифлички целото тесто се развлекува и се сече на 8 триаголници. За помали кифлички, тестото се дели на два дела, па од секој се сечат по 8 триаголници и се добиваат 16.

Триаголниците виткајте ги во кифли, редете ги во плех обложен со хартија за печење, па премачкајте ги со жолчка. Наросете ги со семки и печете ги во загреана рерна на 180 степени околу 25-30 минути, во зависност од рерната.

Кифличките може да се филуваат со тврдо или свежо сирење, со шунка и кашкавал, а може да се прават и во слатка варијанта со џем и да се валкаат со шеќер во прав. Најубави се додека се сè уште топли и секогаш веднаш се изедуваат.

За премачкување: Жолчката разматете ја со црн пипер и млеко, па со четка премачкувајте ги кифлите.