Рецепт и видео прилог на Лејла Мурселовиќ од “Е-Кујна” – Чоко-моко торта со готови кори.

Верувам дека многумина ја правеле или барем ја јаделе оваа торта, но мене ми е омилена во последно време поради едноставноста на приготвувањето, буквално се прави за 15 минути – Чоко Моко торта со готови кори.

Потребни состојки:

800 мл (2х400 мл) слатка павлака
700 г крем сирење Милерам или кисела павлака
250 г шеќер во прав
300 г мелени бисквити
1 пакување готови кори (3 кори)
100 мл (2х50 мл) чоколадно млеко

Постапка:

Во два сада ставете по 400 мл слатка павлака и посебно изматете ги додека да добиете шлаг. Во посебен сад изматете 700 г крем сирење (или кисела павлака) со 250 г шеќер во прав, па додадете и 300 г мелени бисквити и убаво изматете со миксер додека да добиете еднолична смеса.

Врз чинија за послужување ставете ја првата кора и рамномерно натопете ја со 50 мл чоколадно млеко. Кората премачкјате ја со половина од филот и убаво израмнете. Врз филот од бисквити и маскарпоне рамномерно распоредете 400 мл изматена слатка павлака, а неколку лажици од шлагот оставете на страна за украсување на тортата.

Повторете ја постапката и со втората кора: нанесете ја врз шлагот, натопете ја со 50 мл чоколадно млеко, филувајте со остатокот од кремот и на крај шлаг од слатката павлака (и овојпат оставете малку за украсување).

Поклопете со третата кора и целата торта премачкајте ја со шлаг и украсете по желба. Изладете ја неколку часови во фрижидер пред послужување. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото: