БУРЕК ВО ТАВА…Кога немам време го правам од готови кори, а кога имам време сама замесувам тесто…Ќе ви покажам како се замесува тестото и како ги правам домашните кори. Понатаму постапката е иста…

Ако немате време да замесите тесто и да развлекувате кори, користете свежи кори, а ако се суви оставете ги малку покриени со влажна и добро исцедена крпа, или пак, при редењето премачкувајте ги со раствор од газирана вода и маснотија…

Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за мерење се користи чаша од 200 мл и мала чајна чаша од 120 мл):

За тесто:
2 јајца
1/2 чаша вода (100 мл)
1 лажичка сол
3 чаши брашно (300 грама)
1/2 кесичка прашок за печиво

За премачкување:
100 грама путер
1/2 чајна чаша масло

За фил:
150 грама кашкавал
100 грама ситно сирење

ПОСТАПКА:

Во подлабок сад изматете ги јајцата со вода, посолете, па додајте го брашното и прашокот за печиво. Замесете нелепливо средно меко тесто. Месете го 5-8 минути, па покријте го со кеса и оставете го да одмори 15 минути.

Потоа поделете го на 10 дела, а потоа обликувајте топчиња. Работната површина посипете ја со скроб (нишесте/густин), па развлечете 5 топчиња во тенки кори со големина на средна чинија.

Наредете ги една врз друга обилно посипани со скроб и оставете ги да одморат 20 минути.

Откако ќе одморат сите заедно развлечете ги колку можете потенко, а побвремено провете да не се залепуваат и по потреба досипувајте скроб. На овој начин ќе добиете многу тенки кори.

Врз корите поставете ја тавата во која ќе го печете бурекот, па исечете ги според нејзината големина. Остатокот од корите исечете ги на парчиња. Тавата намастете ја и на дното наредете три кори секоја испрскана со маснотија.

Пресечените парчиња редете ги врз ѕидовите од тавата, и нив прскајте ги со маснотија. Повторувајте ја постапката додека да ги потрошите корите. Во остатокот од маснотијата додајте 3 лажици кисела павлака и промешајте.

На ист начин постапете со преостананите 5 топчиња тесто, но нив развлечете ги со големина на тавата. Во тавата наредете 3 кори една врз друга секоја обилно премачкана со мешавината од маснотија.

Потоа распоредете го филот, па преостантите две кори, исто така премачкани со маснотија. Спакувајте ја питата со преостанатите парчиња кори и премачкјате со маснотија.

Печете на рингла под капак 20-25 минути, па превртете и печете на другата страна додека да зарумени. Питата можете да ја исечете пред печење или после печење. Постапката погледнете ја ОВДЕ.