Рецептот за бурек сарма печен во рерна со сос од домати пробајте го овој викенд. Полека се ближиме до сезоната на омиленото македонско јадење – сармата. Во сезона на слави, сармата е кралица на секоја трпеза.

Рецептот за овој специјалитет го знаеме напамет, но дали некогаш сте ја виткале сармата како бурек, сте ја залиле со сос и сте ја ставиле в рерна? Веројатно никогаш не сте помислиле на тоа, а вкусот е уникатен. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 главица зелка со средна големина, 300 г мелено месо, 1 чаша ориз, 1 главица кромид, 4-5 чешниња лук, 1 китка магдонос, 1 помала црвена пиперка, 1 домат, 1 лажица доматно пире, 1/2 чаша маслиново масло, 1 лажичка сол, 1 лажичка ким, 1 лажичка мелена пиперка

За сосот: 1 лажица путер, 1 лажица доматно пире, 2 чаши вода, прстофат сол или по вкус

ПОСТАПКА: Отстранете го тврдиот среден дел од главицата на зелката и ставете ја во тенџере со врела вода. Свртете ја и на другата страна, па варете уште 3-4 минути и потоа одвојте ги листовите.

Во меѓувреме, исечкајте ги кромидот, лукот, магдоносот, доматот и пиперката, а потоа додајте ги сите заедно во месото. Додајте измиен ориз, црвен пипер во прав или буковец, ким, доматно пире, сол, маслиново масло, па месото и зачините убаво измешајте ги.

Отстранете го централниот цврст дел и пресечете го секој лист на половина (ако се помали листовите, надврзувајте ги за да добиете долгнавеста „кора“). На секоја половина од листот ставете фил по должина и свиткајте во ролничка.

Редете во намастена тепсија почнувајќи од крајот, па надоврзувајќи се кон средината. Во растопениот путер додајте го доматното пире, посолете по вкус и на крај вода. Варете додека да се соединат состојките, па прелијте ја сармата.

Покријте го плехот со влажна хартија за печење (парчето хартија стуткајте го со раце и натопете го со вода за да омекне, па повторно раширете го) и печете на 190°C околу 40 минути.

Верзијата на Радолина за „ПИТА-САРМА“ (Сарма која по изгледот потсетува на пита) – ПОСНО – можете да ја погледнете ОВДЕ.