Ова е нов рецепт кој веројатно сè уште не сте го пробале. На многу брз и едноставен начин се добиваат фантастични колачи, а се приготвуваат во најобични хартиени чаши кои можете да ги купите во кој било супермаркет или книжарница. Рецептот е на нашата драга Јелена Шарац, а еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 12 хартиени чаши, 4 јајца, 180 г шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер, 70 мл млеко, 70 мл масло, сок од 1/2 лимон, 150 г брашно, 1 кесичка прашок за печиво, 2 лажици какао. За ПРЕЛИВ: 100 г чоколадо, 3 лажици млеко, 3 лажици масло, 1 лажица какао.




ПОСТАПКА: Пенасто изматете четири јајца заедно со 180 г шеќер и една кесичка ванилин шеќер. Матете со миксерот додека шеќерот да се растопи и јајцата да побелат и згуснат.




Потоа додајте 70 мл млеко и 70 мл масло. Исцедете сок од половиона лимон и додајте го во смесата. Потоа додајте просеано брашно (150 г), една кесичка прашок за печиво (10 г) и две лажици какао во прав.




Промешајте со шпатула или измиксајте на слаба брзина додека да се изедначат состојките во хомогена, еднолична смеса. Потоа приготвената смеса истурете ја во хартиените чаши.




Чашите полнете ги до половина, бидејќи во текот на печењето колачот ќе нарасне. Ќе ви бидат потребни 10-12 хартиени чаши. Наредете ги во плех или врз решетката и ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 20-25 минути.




Додека се печат колачите пригответе ја чоколадната глазура. Искршете го чоколадото и ставете го во тенџере. Додајте 3 лажици млеко, 3 лажици масло и една лажичка какао во прав. Загревајте на многу тивок оган додека сите состојки да се растопат и соединат во сјајна глазура.




Печените колачи извадете ги од рерна и оставете малку да се подизладат. Потоа, со помош на нож одвојте ги од ѕидовите на чашата, па внимателно извадете ги со превртување врз дланката.




Потоа со помош на пластична сламка за смукање сок направете по неколку дупчиња во секој колач за да можат подобро да го впијат чоколадниот прелив. Доволни се три-четири дупченца. Истото можете да го направите и со чепкалка за заби, но потребно е повеќепати да ги избоцкате.




Вака приготвените колачи со помош на лажица прелијте ги со чоколадната глазура. Прелевајте полека за да има време колачот да го впие преливот. Постапката повторете ја неколкупати додека да ја потрошите целата чоколадна глазура.




Колачите можете да ги декорирате по желба: да ги наросите со шарени трошки, со рендано бело чоколадо, кокос, рендани лешници и слично. Оставете да се стегне глазурата, па послужете ги. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.