Рецепт и видео прилог на Емирамис кујна – брзи погачици. Меки како душа – се топат во уста!

Потребни состојки: 500 г брашно, 180 мл млеко, 2 јајца, 60 мл вода, 1 лажичка сол, 1 лажичка шеќер, 2 лажички сув квасец, 50 г растопен путер, 1 жолчка +2 лажици млеко – за премачкување. Постапка: Во подлабок сад за месење ставете 500 г брашно, 1 лажичка сол, 1 лажичка шеќер и 2 лажички сув квасец.

Убаво промешајте за да се изедначат состојките. Потоа додадете 180 мл топло млеко, 60 мл топла вода и на крај 50 г растопен путер и 2 изматени јајца (со виљушка). Замесете со рака убаво меко и мазно тесто. Месете околу 3-4 минути додека да ја постигнете еластичноста.

Доколку ви се лепи, додадете сосем малку брашно и продолжете со месењето, но не претерувајте со брашното. Тестото треба да биде меко и малку лепливо. Покријте го со фолија и оставете го половина час да стасува на собна температура додека да го удвои волуменот.

Потоа тестото префрлете го на работна површина и наросете сосема малку брашно и формирајте валјак. Пресечете го на 10 делови, а од секој дел формирајте топче или валјак. Редете ги во плех обложен со хартија, а одозгора премачкајте ги со мешавина од жолчка и млеко.

Одозгора наросете сусам и оставете 15-тина минути тестото да одмори. За тоа време вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени. Погачиците печете ги околу 15-20 минути, во зависност од вашата рерна. Деталите можете да ги погледнете во видеото: