Брзите погачици ми се едни од омилените. Многу брзо се приготвуваат, не се валкаат многу садови, некако сè набрзина се меша и ставате она што имате во фрижидер, па добивате совршен појадок, вечера или закуска. Но, мене ми се омилени погачиците со сирење и спанаќ, бидејсќи освен што се вкусни и многу се здрави. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 јајца, 250 мл кисело млеко, 100 мл масло, 100 г пченкарно брашно, 100 г обично бело брашно, 1 кесичка прашок за печиво (12 г), 1 мала лажичка сол, 100 г сирење и малку спанаќ, по вкус. Одозгора по желба наросете сусам, ким, ленено семе или некои семки.
ПОСТАПКА: Во подлабок сад скршете две јајца, додјте 250 мл кисело млеко (или кисела павлака), 100 мл масло, 100 г ситно мелено пченкарно брашно, 100 г обично бело, пченично брашно, една кесичка прашок за печиво (12 г) и една мала лажичка сол.
Добро изматете со жица-маталка додека да добиете изедначена, хомогена смеса. Матете неколку минути сè додека да се разбијат сите грутчиња, а смесата да стане густа и масна. Ова е основната смеса во која понатаму можете да додавате што сакате по вкус.
Јас се ослучив за мојата омилена комбинација, а тоа е сирење и спанаќ. Сирењето можете да го иситните со рака или со виљушка, па додајте го во смесата (околу 100 г), а исто така и околу една-две раце ситно сечкан спанаќ (околу 5 големи листови, на пример).
Промешајте со лажица или шпатула за да се распоредат состојките рамномерно. Освен спанаќ можете да додавате блитва, лобода, зелје, киселец, коприва, рендан морков, ситно сечкан праз, ситно сечкан магдонос, малку копар, босилек…
Полнете ги калапите за мафини со оваа смеса, но не ги преполнувајте. Имајте во предвид дека во текот на печењето ќе нараснат. Доколку користите силиконски калапи, тогаш нема потреба да ги намастувате. Но доколку користите обични, тогаш добро намастете ги со путер.
Вака приготвените солени мафини одозгора наросете ги со сусам, но може да ставите и ким или ленено семе, црно семе, афион, семки од тиква и сончоглед, анасон или нешто по ваш вкус. Ставете да се печат во претходно загреана рерна на 180 степени околу 25 минути или додека да заруменат.