Рецепт и видео презентација на Том Филос – Вкусни брзи пирошки.

Вкусни, меки и сунѓерести, идеални се за брза вечера или појадок за целото семејство. Не треба да сте голем мајстор во кујната за да можете дури и од прв пат да го направите ова вкусно тесто во кое сите ќе уживате. Најдобри се додека се топли! Нема да се каете ако го испробате рецептот.

Потребни состојки: 400 г брашно, 200 мл јогурт, 1 јајце, 10 г прашок за печиво, ½ лажичка сол, 130 г тврдо сирење и 130 г салама по ваш избор

Постапка: Во подлабок сад ставете 400 г просеано бело брашно, прелијте со 200 мл јогурт и едно јајце на собна температура, додадете една кесичка прашок за печиво и половина лажичка сол. Со рака убаво измешајте ги состојките и замесете додека да добиете компактно тесто.

Во него додадете 130 г рендано тврдо сирење и 130 г рендана салама по ваш избор. Уште еднаш измесете го тестото со рака за да се изедначат состојките. Префлете го на малку набрашнета површина и добро домесете го. Потоа со оклагија развлечете правоаголна кора со дебелина од околу еден прст.

Исечете ги пирошките во вид на долгнавести плочки и испржете ги во умерено загреано масло, додека од двете страни убаво да заруменат. Вадете ги врз чинија со хартиена салветка за да се впие вишокот маснотија. Деталите од целата постапка можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ. Навистина брз рецепт, во кој нема потреба да се чека тестото да стасува.