Потребни состојки:

40 г свеж квасец

900 г остро брашно + околу 100 г за премесување и обликување

4 јајца

300 мл јогурт

200 мл вода

150 г шеќер + околу 150 г за да се валкаат крофните

150 г путер/маргарин + 100 г за премачкување

Постапка:

Во млака вода разматете го квасецот и ставете лажица шеќер. Во вангла истурете остро брашно, јогурт, јајца, остаток од шеќерот, растопениот путер и активираниот квасец. Со лажица соединете тесто, така да биде меко и лепливо. Добро изматете го, па оставете да отстои еден час, да се удвои.

Кога тестото е нараснато, наросете со меко брашно врз разботната површина, истресете го тестото и премесете го лесно и полека. Поросете повторно со брашно врз површината и врз тестото, па со оклагија развлечете кора со дебелина од 1 – 1,5 см.

Со чаша вадете крофни и редете ги во плех кој претходно сте го намастиле со путер. Водете сметка да остане простор меѓу крофните бидејќи тие доста нараснуваат, па затоа нема да ви ги собере сите во еден плех.

Оставете ја првата тепсија со крофните да отстои 15 минути, па вклучете ја рерната да се загрее на 180 степени. Дури тогаш со чаша вадете ја втората тура крофни, за да не ви прекиснат ако ги вадите истовремено со првата тура.

Кога рерната ќе се загрее, а крофните се удвоиле, ставете ги да се печат додека да добијат светло кафеава боја. Додека се печат, растопете го остатокот од путерот и штом ги извадите од рерна, крофничките веднаш премачкајте ги и извалкајте ги во шеќер или во мешавина од шеќер и цимет.

Изладените крофни можете да ги полните по желба. Во шприц за торти ставете го вашиот омилен фил, продупчете ја крофната и наполнете со филот.

coolinarika.com