Сите ги сакаат крофните меки како душа, наросени со шеќер во прав, а внатре исполнети со неодоливо вкусен крем… Бесценет момент на уживање. Меѓутоа, оригиналните крофни се пржат во длабко масло, а многумина од здравствени причини ги одбегнуваат токму ваквиот начин на подготовка.

Имаме рецепти за крофни кои многу малку впиваат масло при пржењето, но имаме и рецепти со кои повторно ќе можете да уживате во убавиот вкус на крофните, доколку целосно го одбивате маслото. Овие крофни се печат во рерна, без масло.

I РЕЦЕПТ: „Брзи крофни од рерна: Растат огромни, без печење во длабоко масло” – Вкусни крофни печени во рерна.

За да го приготвите тестото за овие крофни ќе ви бидат потребни следните состојки: 70 г путер, 125 мл млеко, 125 мл вода, 2 јајца, 1 ванилин шеќер, 500 г брашно, малку сол, 1 квасец и 55 г растопен путер за премачкување на крофните откако ќе се испечат.

Постапка: Квасецот помешајте го со брашното и ванилин шеќерот. Потоа додајте јајца на собна температура, млака вода, млако млеко и растопен путер па изладен, па замесете фино, меко тесто. Месете го додека убаво брашното да ги впие сите состојки и започне да се одвојува од ѕидовите на садот.

Тестото оставете го да стасува додека да го удвои својот волумен околу половина час или повеќе. Кога тестото ќе стаса и убаво ќе нарасне и ќе го зголеми својот волумен, размесете го нежно колку да формирате топка, а потоа со помош на оклагија развлечете го во не премногу тенка кора, па со чаша вадете кругови.

За полесно да се сечат крофните и да излегуваат од чашата, пред секое засекување во тестото, чашата малку набрашнете ја. Плехот обложете го со хартија за печење и премачкајте го со малку растопен путер. Секоја крофна одозгора премачкајте ја со путер.

Оставете ги во плехот да стасуваат додека да станат воздушести и да го удвојат својот волумен. На тој начин тие ќе бидат меки како душа после печењето. Значи, откако ќе стасаат, дури потоа печете ги во претходно загреана рерна на 250 степени околу 20 минути.

Врелите печени крофни премачкајте ги со растопен путер (55 г) и оставете ги малку да подизладат и да го впијат путерот. Готовите крофни валкајте ги во шеќер кристал (за да се нафатат убаво од сите страни) и одозгора наросете ги со шеќер во прав. Може да додадете и ванилин шеќер.

Исто така, кога ќе бидат изладени, може да ги филувате по желба со шприц за торти (пробушете ги истиснете го филот). Како фил можете да користите џем, мармалад, чоколаден или лешников крем, па дури и пудинг од ванила, овошен или чоколаден. Одозгора можете да ги прелиете со чоколадна глазура.

II РЕЦЕПТ: Ова се славните крофни од рерна, тукушто ги извадив, превкусни се

А ова е вториот рецепт за прочуените крофни од рерна без капка масло – тукушто ги извадив, превкусни се. Фотографија и рецепт на Мирела Авдиќ. Под пишаниот рецепт има и видео презентација од целата постапка, а видеото можете да погледнете на означениот линк.

Се консумираат топли, тогаш се најубави. За да ги приготвите овие крофни ќе ви бидат потребни следните состојки: 2 јајца (мали по величина), 200 мл млеко, 1 супена лажица квасец, 3 лажици шеќер, 1 прстофат сол, 20 г путер, околу 400 г брашно, околу 50 мл млака вода за замесување на тестото.

Полнењето е по желба (варен пудинг, крем-намаз, џем). Ќе ви биде потребен уште шеќер во прав за валкање, плех обложен со хартија за печење, шприц за полнење, чаша или модла за вадење на крофните.

Постапка: Измешајте топло млеко, шеќер и квасец и оставете да се активира. Скршете две јајца, ставете прстофат сол и една лажица шеќер и промешајте со виљушка. Додајте го квасецот, па и него промешајте го со јајцата.

Додајте го брашното (оставете малку за домесување) и околу 50 мл млака вода. Мешајте со виљушка да добиете меко, воздушесто тесто. Потоа додавајте постепено брашно по потреба и замесете со рака.

Кога ќе започне да се одлепува тестото од ѕидовите на садот, покријте го со проѕирна фолија и оставете да го удвои волуменот. Потоа премесете го и префрлете го на работна површина каде ќе го домесите, па покријте го повторно и оставете го да одмори уште 10 минути.

Потоа развлечете кора со дебелина од 2 см, да не се претенки крофните ни предебели, колку еден прст. Со чаша вадете ги крофните, па редете ги крофните со растојание од околу 2-3 см, затоа што при печењето ќе нараснат. Наредените крофни покријте ги со крпа и оставете ги 20-тина минути да се удвојат.

Останатото тесто повторно премесете го и оставате го да одмори, па повторете ја постапката. Се печат во загреана рерна на 180 степени, а кога ќе почнат да растат намалете на 150 степени, додека да добијат розеникава боја, внимавајте да не ги препечете.

Врелите крофни се валкаат во шеќер во прав, а по желба можете да додадете и ванилин шеќер. Одозгора правете им дупче со рачка од дрвена лажица и со шприц полнете ги со фил по ваша желба. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.