Одлична и вкусна торта за секакви пригоди. Се приготвува брз и лесен крем, се користи сок од портокал, пуднг од ванила, желе бонбони, ореви и посни кекси. Тортата е лесна за јадење, воопшто не е “тешка” и може да ја приготвувате во посна и масна варијанта.

Потребни состојки: 600 мл негазиран сок од портокал, 3 лажици шеќер, 80 г пудинг со вкус на ванила, 250 г посен маргарин, 200 г посни желе бонбони, 200 г ореви, 100 како крем табла и 500 г посни бисквити

Постапка: Измешајте го пудингот со шеќерот па додадете малку сок и измешајте да нема грутчиња.

Остатокот од сокот ставете го ан оган да проврие, а потоа сварете го пудингот со мешање додека да згусне. Веднаш додадете го исечканиот маргарин и мешајте додека да се стопи и тргнете од оган да се излади.

Додека се лади пудингот, исечкајте ги желе бонбоните, чоколадото и оревите, а бисквитите искршете ги поситно. Измешајте ги сите состојки со пудингот.

Кога ќе се соедини, добиената смеса излејте ја во калап обложен со фолија и малку притиснете за да нема празен простор.

Прекријте со фолија и ставете во фрижидер преку цела ноќ за да омекнат бисвитите и убаво да се спојат вкусовите.

Следниот ден превртете ја тортата врз тацна или само извадете го обрачот, како ви е полесно.

Јас растопив 150 г крем табла со 3 лажици масло во микробранова печка, на средна температура 3 пати по 15 секунди, па промешувам, па враќам.

Се прелива одозгора и израмнува. Декорацијата ја завршив со шприц со посен шлаг.