За овој рецепт потребни ви се само 5 минути за да ги измешате состојките. Она по што се разликува од другите слични излеани пити е начинот по кој се излева. Имено, тестото се црпи со лажица и се става во загреана маснотија.

Потребни состојки: 5 јајца, 1-2 лажички сол, по вкус,, 1,5-2 лажички прашок за печиво, 1 помало калапче сирење (100-200 г, по желба), 1 чаша кисела павлака (180 г), 100-150 г сланина, 5 шолји брашно (од 150 мл), 200 мл млеко и 100-150 г путер/маргарин/маст.

Постапка: Јајцата изматете ги со виљушка, посолете и додадете прашок за печиво. Промешајте убаво за да нема грутчиња. Во смесата од јајца додадете ситно идробено сирење, една чаша кисела павлака (може и без павлака). Промешајте за да се изедначи.

Во смесата додадете исечена сланина на коцки, промешајте, па додадете го брашното и млекото. Ако добиете многу густо тесто, додадете уште малку млеко, вода или јогурт, а ако е ретко додадете уште малку брашно. Смесата треба да биде погуста од онаа за палачинки, полутечна.

Тепсија или плех со средна величина ставете ја на оган заедно со коцка путер, додека да се растопи и загрее. Во врелата маснотија со намастена лажица црпете од тестото и ставајте во тепсијата. Лажица по лажица црпете и ставајте во тепсијата, а пред секое црпнување малку намастувајте ја лажицата во врелото масло.

Повторувајте ја постапката додека да се потроши целата смеса. Смесата може да се истури целата одеднаш, но вака многу подобро се одвојува и има подобра текстура. Во меѓувреме вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени.

Ставете ја питата да се пече, околу половина час или додека убаво да зарумени одозгора. Печената пита покријте ја со крпа и оставете ја 10-тина минути да излади. Целата постапка можете да ја погледнете во видеото подолу: