Рецепт и видео прилог на CooKing: Пита со месо без кори

Пита со месо, без кори е идеална за појадок, вечера, како предјадење, за ужина. Се приготвува многу едноставно и брзо. Одлично одговара со салата од домати или со шолја јогурт.

Потребни состојки: 500 г мелено месо, 60 г кромид, сол, црн пипер, масло, 4 јајца, 10 лажици брашно, 1 лажичка прашок за печиво, 2 лажички пармезан, 180 мл јогурт, 1 лажица масло. Питата се пече во плех со димензии 28х17 см

Постапка: на малку загреано масло пропржете ситно сечкан кромид . Посолете го и динстајте го додека да омекне. Потоа додајте 500 г мелено месо, посолете го и запиперете го по вкус.

Измешајте го месото со кромидот и пржете го додека да ја смени бојата и да испарат соковите. Во посебен сад изматете 4 јајца со маталка, посолете ги по вкус. Додајте 180 мл јогурт и соединете.

Додајте 10 лажици брашно, една лажичка прашок за печиво и 2 лажички рендан пармезан. Изматете со маталка па додајте една лажица масло. Во смесата од јајца додајте го прженото месо и промешајте.

Добиената смеса излејте ја во огноотпорен сад со димензии 28х17 см и ставете да се пече на 200 степени додека убаво да зарумени, околу половина час. Печената кора покријте ја со фолија и оставете малку да подизлати, па сечете ја на коцки. Деталите можете да ги погледнете во видеото: