Фотографии и рецепт на Марика Минич – Пица-пита. Рецептот за оваа многу вкусна и интересна пица-пита го објави нашата драга членка Марика Минич во групата НМД рецепти. Се замесува меко тесто, а потоа се развлекува кора и се филува на многу интересен начин.

Еве кои состојки ќе ви бидат потребни за да го приготвите тестото: 400-450 г брашно, 200 мл млако млеко, 20 мл газирана вода, 50 мл масло, 1 лажичка шеќер, 20 г сув квасец и 1 јајце. За фил ќе ви бидат потребни: 100 г сирење по избор, 250 г спанаќ и 2 јајца.

Постапка: Од сите набројани состојки замесете меко и мазно тесто. Покријте го и оставете го на топло место да стасува додека да го удвои волуменот. Потоа премесете го на малку набрашнета површина и развлечете кора со помош на оклагија во форма на круг од 30 см.

Во средината ставете некоја чинија за да се обележи помала кружница а надворешниот прстен од кората исечете го на лентички со широчина од 1,5-2 см (погледни фотографија). Потоа прекрстете ги една преку друга и на тој начин ќе добиете интересна плетка.

Во средина на кората ставете го филот. За да го приготвите филот ќе ви бидат потребни 250 г измиен, исцеден и исечкан спанаќ, посолен и истискан со рацете за да омекне (или можете кратко да го исбланширате во врела вода). Во спанаќот додадете 100 г ситно сирење и 2 јајца.

Измешајте ги состојките добро за да се поврзат и филувајте ја кората. на страна изматете едно јајце (или само жолчка) со една лажица масло, па премачкјате ги плетенчињата (оквирот на питата) и наросете сусам (ленено семе или некои семки по ваша желба).

Вака приготвената пита-пица ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу половина час. Околу 10-тина минути пред крајот на печењето извадете ја питата од рерна, одозгора во средината наросете рендан кашкавал, па правете да се допече.

II РЕЦЕПТ – Превкусна пица-пита со тиквички – Прсти да излижеш! Многу вкусна галета или пица со тиквички. Потребни состојки за тесто: 160 г брашно, прстофат сол, 110 г ладен путер, 60 мл кисела павлака, 2 мали лажички лимонов сок, 60 мл ледено студена вода.

За фил: 1 голема тиквичка, 100 г свежо сирење, 2 лажици маслиново масло, 1-2 чешниња лук, 120 мл кисела павлака (остатокот од чашката), 30 г пармезан, 1 топче моцарела, сол, пипер, босилек. Останато: 1 жолчка за премачкување. Постапка за тестото:

Во мултипрактик измешајте брашно и малку сол. Додадете на листови исечен студен путер и измешајте. Потоа додадете кисела павлака, вода и лимонов сок, па пулсирачки мешајте додека состојките да се соединат и тестото да се обликува во топка.

Сето ова може убаво и рачно да се замесе. Топката тесто завиткајте ја во проѕирна фолија и оставете ја да отстои еден час во фрижидер. Рерната вклучете ја на 200 степени. Додека тестото се лади во фрижидер, направете го филот. Тиквичките измијте ги и исечете ги на тенки тркалца.

Наредете ги на книжна салветка, посолете ги одозгора, и оставете ги 15-тина минути да ја пуштат водата. Потоа од горната страна нежно потапкајте ги со друга салфетка за да ја впиете влажноста. Лукчето истолчете го па измешајте го 1 лажица маслиново масло.

Во еден сад измешајте: свежо сирење, кисела павлака, пармезан, на коцки исечена моцарела, 1 лажица маслиново масло со лукче, босилек, сол и црн пипер. Тестото извадете го од фрижидер и на побрашнета работна маса развлечете кора во круг со дијаметар од 30 центиметри.

Плехот од рерната обложете го со хартија па во него пренесете ја кората. На тестото нанесете ја смесата со сирење, па лесно со лажица размачкајте, оставајќи по 2-3 см празен простор на рабовите. Врз сирењето наредете тркалца од тиквичка, започнувајќи од средината кон краевите, во круг.

Поросете маслиново масло (1 лажица) па преклопете ги рабовите на тестото. Жолчката изматете ја па со неа премачкајте ги рабовите (можете да наросите и сусам). Печете околу 35 минути додека да порумени. Оставете малку да излади, па сечете на парчиња.

III РЕЦЕПТ – Како порано не се сетив на ова? НАЈУБАВАТА ПИЦА. Се приготвува многу лесно и едноставно. Потребни состојки: 500 г брашно (просеано, за да биде повеќе воздушесто), 1 сув квасец, 100 мл млеко, 200 мл вода +-, 1 лажичка мед или шеќер, ½ лажица сол.

За фил: 200 г шунка, 100 г пршута, 200 г кашкавал, 200 г пропржени или маринирани печурки, кечап, оригано, сусам и жолчка за премачкување. Постапка: Во топла вода разматете го квасецот, лажица брашно и лажичка мед или шеќер. Оставете го квасецот да се активира.

Брашното посолете го и во него додадете го активираниот квасец и млако млеко. Замесете тесто кое се одлепува од ѕидовите на садот, па потоа префрлете го на работната површина и удредете го 5-6 пати. Така ќе добиете убаво воздушесто тесто.

Тестото премачкајте го маслиново масло (или обично), завиткајте го во проѕирна фолија или вратете го во садот и покријте го со кеса. Оставете го стасува. Додека тестото стасува, вие можете да ги сечкате и рендате состојките за филот. За еден час ова тесто ќе се удвои убаво.

Потоа премесете го околу минута – две. Потоа директно врз хартија развлечете го во кора. Во центарот на кругот направете дупченце. Потоа спушете некој соодветен сад за да обележете круг (15 см), па од дупчето (центарот) пресечете 8 триаголници, до обележаниот круг.

Намачкајте со кечап, па наредете го филот во круг како прстен. Количината и состојките се по ваша желба. Потоа триаголниците еден по еден, се повлекуваат преку филот и се подвлекуваат под тестото. Одозгора премачкајте со жолчка и наросете со сусам. Се пече во загреана рерна на 180-200 степени околу 15-20 минути.

IV РЕЦЕПТ – Пита-пица со два вида сирење – многу вкусно и декоративно. Фотографија и рецепт на Верица Николиќ – Пита со два вида сирење. Ова е нешто помеѓу пита и пица и многу е вкусно. Тестото е многу вкусно, па можете да го искористите за приготвување и на друг вид печива.

Она што е интересно кај оваа пита е плетката на работ од засечените ленти со кои се добива впечатлива и многу декоративна плетенка. Потребни состојки: 460 г брашно, 2 лажици сув квасец, 1 лажица шеќер, 2 полни кажици масло, 2 полни лажици јогурт, 1 лажичка сол, 1 јајце, 200 мл топло млеко.

За фил: 2 полни лажици доматно пире, 1 полна лажица масло, 1 лажичка оригано, 150 г тенко сечкан сув врат, 260 г домашно кравјо сирење, 1 белка, 1 лажичка тимијан, 1 лута пиперка, ½ главица виолетов кромид, маслинки, шери домати, 200 г кашкавал (трапист, едамер…).

За премачкување на тестото: 1 жолчка, 1 лажичка масло, 1 лажица млеко. Постапка за тесто: Во длабок сад ставете го тестото, додадете шеќер, сол и квасец. Промешајте со лажица. Потоа додадете масло, јогурт, јајце и млеко, па замесете го тестото. Месете додека да стане убаво компактно.

Замесеното тесто обликувајте го во топка, покријте го со проѕирна фолија и оставете го половина час да стасува на собна температура. Доматното пире ставете го во помала чинија, додадете лажица масло и добро соединете. Кравјото сирење ставете го во подлабока чинија и со виљушка издробете го.

Додадете белка и тимијан, па соединете добро со сирењето. Лутото пиперче исечете го на кругови, кромидот на ленти, а маслинките и шери доматите пресечете ги на половинки. После половина час стасување, тестото истресете го на набрашнета подлога.

Прво со раце развлечете го во круг, а потоа продолжете со оклагија. Треба да се добие кора со пречник од 40 см. Развлечената кора префрлете ја на хартија. Во средината од тестото ставете чинија со пречник од 29 см. Делот од кората кој не е поклопен со чинијата исечете го на тенки ленти со широчина од 1,5 см. Тргнете ја чинијата.

Земете една лентичка, подигнете ја и префрлете ја преку средишниот круг налево. Потоа следната лента префрлете ја преку неа, на десната страна. Една лента прескокнете, па следната префрлете ја на десно, а прескокната лента преку неа кон лево (види фото)…

Внатрешната страна на кругот притискајте ја со прстите, за да не се подигнат лентите при печењето, а целата средина од кругот избокцајте ја со виљушка. Прекријте го тестото со кујнска крпа и оставете го да стасува половина час за убаво да нарасне и да стане воздушесто.

Потоа внатрешноста од тестото премачкајте ја со мешавина од доматен сос и масло. Наросете со оригано. Наредете сув врат или било што сувомеснато исечено на тенки ленти. Одозгора наредете домашно сирење, луто пиперче, кромид, маслинки и шери домати.

Преку сето тоа наросете крупно изрендан кашкавал. Краевите од тестото премачкјате ги со мешавина од жолчка, малку млеко и масло. Ставете ја питата да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени. Питата печете ја додека тестото да добие убава румена боја (околу 25 минути). Извадете ја и послужете ја. / Фотографија и рецепт на Верица Николиќ.