Ова е перфектна идеја за брз ручек или вечера. Јадењето е толку многу вкусно, а може да се сече и на убави парчиња, па слободно можете да ја приготвувате и за гости, како главно јадење или како закуска.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 9-10 компири (1,5 килограм), 1 лажичка сол (8 г), 3 супени лажици масло (50 мл). За месото: 400 г мелено месо, 1 главица кромид, 2 чешниња лук, магдонос, 1 лажичка сол, по половина лажичка црн пипер, чичи пипер, нане. И уште: 200 г рендан кашкавал, магдонос и 7-8 шери доматчиња

ПОСТАПКА: Во подлабок сад за месење ставете го меленото месо, па додајте многу ситно исечкан кромид (може и да се сомеле по желба), исрендано лукче, околу една рака ситно исечкан свеж магдонос, сол, црн пипер во прав, чили и нане.

Добро промешајте со лажица или иземсете ја смесата со рака додека да се изедначат сите состојки. Тргнете ја страна смесата (или оставете ја во фрижидер) додека ги приготвувате компирите.

Измијте ги добро под млаз ладна вода, па излупете ги. Потоа исечкајте ги на тенки крукчиња како за чипс или послужете се со ренде или некоја друга алатка со која полесно ќе ги исечете компирите (одберете го за вас најлесниот начин).

Исечканите компири посолете ги и полијте ги со 50 мл масло. Добро промешајте ги за да се распоредат рамномерно. Потоа подгответе го плехот во кој ќе ја печете мусаката: намастете ја со малку масло со помош на силиконска четка.

Потоа на дното наредете ги сечканите компири. Потребно е да се покрие целото дно, па затоа наредете тенки крукчиња од компири во неколку слоја, за што ќе ви биде потребно нешто повеќе од половина од вкупната количина.

Врз компирите рамномерно распоредете ја мешавината од мелено месо и израмнете. А врз месото наредете го остатокот од компирите. Ставете да се пече во загреана рерна на 230 степени околу половина час.

Извадете ја мусаката од рерна, па одозгора наросете ситно сечкан свеж магдонос, наросете рендан кашкавал и неколку сечкани шери доматчиња.

Вратете ја мусаката во загреаната рерна на 200 степени да се допече уште 15 минути, а потоа извадете ја, оставете малку да се подизлади, па сечете ја и послужете ја. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.