Брз ручек – пилешко со зеленчук: вкусно јадење „на лажица“ кое ти го топли стомакот

Нешто „на лажица“ преку седмицата кога немате многу време за некои комплицирани јадења и сложени рецепти. Мојот сопруг ова го нарекува „дрнч“ кога ќе види ваква некоја комбинација од јадења, било каков вид на зеленчук со месо, нему му е „дрнч“.

Овој вид на јадење се приготвува за 40-тина минути, вкусно е, хранливо и го топли стомакот. Може да го зготвите и одвечер, па следниот ден само да го згреете и ручате.

Потребни состојки:

1 пилешко бело месо без кожа и коски

1 главица кромид

Околу 800 г мешан зеленчук за руска салата или слично

1 лажица сув зачин

1 лажичка црвен пипер, црн пипер, магдонос и зачини по избор

50 мл масло

1 рамна лажица брашно

Постапка:

Исечкајте го кромидот, а за тоа време загрејте го маслото. Пропржете го минута-две, па долејте чаша вода и оставете така да динста додека да омекне околу 10-тина минути.

За тоа време исечкајте го белото месо на коцки и додадете ги во кромидот, па повторно долејте малку вода, додадете сув зачин и црвен пипер, па околу 5 минути сето заедно гответе го.

Потоа додадете го подготвениот зеленчук, додадете вода колку да биде покриено и оставете да проврие. Внимавајте да не ви е многу силен огнот и да не ви претече.

Гответе околу 15-20 минути, со додавање на топла вода ако испари повеќе од потребното. Проверете дали се сварени зеленчукот и месото (за месото е потребно околу 20 минути а зеленчукот треба да е готов).

Кога се’ е сварено, разматете малку брашно (може бело, но може и пченкарно) во малку вода па додадете во шерпата, промешајте и додадете зачини по вкус.

Исклучете го огнот, нека покрчка уште малку додека е топла ринглата. Послужете топло.

Loading...