БРЗ ПОЈАДОК: Похувани топчиња од кои сите се воодушевени

Рецепт на Љубица. Овој рецепт е одличен за кога сакате да направите „чистка во фрижидерот“, нои исто така, многу е корисен за после велигден и други пригоди кога остануваат вишок варени јајца.

Сите состојки се мешаат, се формираат топчиња, се валаат во презла, па се пржат или печат. Многу се вкусни, идеални за појадок или вечера. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 варени јајца, салама или по избор нешто сувомеснато (не мора), 2 лажици фета сирење, 1 сирово јајце, димено сирење по вкус, ситно сечкан магдонос, може и малку ситно исечкани зелени перца од млад кромид, сол и црн пипер по вкус. За похување: брашно, јајце и презла и уште: масло за пржење.




ПОСТАПКА: Јајцата тврдо сварете ги и додека се врели оставете ги да се ладат под млаз ладна вода или ставете ги во сад со ладна вода и коцки мраз. Кога целосно че се оладат излупете ги и изрендајте ги на крупната страна од рендето.




Исто така, изрендајте ги и саламата и дименото сирење (се става малку за шмек), па додајте ги во јајцата. Додајте иситнета фета сирење, зачини по вкус, ситно исечкан свеж магдонос и едно сирово јајце (за да ги поврзе сите состојки).




Измешајте ја смесата, а потоа кинете мали парчиња и формирајте топчиња со големина по ваша желба. Редете ги во некоја тацна или рамна чинија обложена со пек-хартија, па оставете ги половина час во фрижидер за да се стегнат.




Секое топче потоа валајте го прво во брашно, па во изматено јајце, а на крај во ситна презла. Во тава загрејте масло на умерена температура, па пржете ги топчињата додека убаво да заруменат од двете страни.




При пржењето можно е малку е да се сплескаат како „полпети“/ќофтиња. Доколку не сакате да ги пржите, можете да ги ставите во плех обложен со хартија, да ги намастите малку од сите страни и да ги печете во загреана рерна на 200 степени додека да заруменат.

Претходна статијаНОВ РЕЦЕПТ ЗА БАУНТИ ТОРТА: Ја направив за роденденот на ќерка ми, сите беа воодушевени
Следна статијаНајубаво е домашното сирење од 3 состојки: 10 минутна подготовка, за 1 час може да се јаде