Фотографија и рецепт на Билјана Спасески Цветковиќ. Ова е многу едноставен начин за приготвување на домашен локум со кој се прескокнува досадното и долго мешање.

Потребни состојки: 1 ½ шолја (од 250 мл) вода, 1 шолја шеќер, 4 лажици желатин, ¾ шолја шеќер во прав, ¾ шолја густин/скроб, 3-4 капки црвена боја кој сака, може и без боја, 1 лажица ружина водичка или екстракт од ванила, по вкус

За валкање: 2 лажици шеќер во прав, 2 лажици густин. По желба сечкани ореви. Се користи шолја за мерење од 250 мл.

Постапка: Во подлабок сад ставете вода, шеќер и желатин, па добро измешајте и ставете на 7 минути во микробранова печка на најсилна температура. Извадете и промешајте, па вратете на уште 7 минути, исто на најсилна температура.

За тоа време промешајте го шеќерот во прав и густинот, па просејте ги. Извадете го садот и во него додадете ја мешавината од густин и шеќер во прав, па промешајте со жица и вратете на најсилна температура уште 6 минути.

После тоа додадете арома и боја, а кој сака и ореви, па добро промешајте за да се изедначи. Калап или плех со величина 24х15 см премачкајте го со масло, па во него разлејте ја смесата и израмнете.

Оставете на собна температура да отстои 10 минути колку да подизлади, а потоа уште 2 часа во фрижидер за убаво да се стегне. Сечете на коцки и валкајте ги во мешавина од шеќер во прав и густин.

Совет: Неколкупати сум го правела локумот и секојпат излегува одлично, (со ванила, бидејќи не ја сакаме аромата на ружа), освен еднаш, ми излезе погусто како желе бонбони, што најверојатно зависи од самиот густин. Во таков случај треба да се додаде повеќе вода.

Фотографија и рецепт на Билјана Спасески Цветковиќ