Рецепт на Ивана од Шерпица Рецепти. Превкусен колач со пудинг од ванила, состојките сигурно веќе ги имате дома. Се прави брзо, евтино и многу е вкусен. Нема да згрешите.

Потребни состојки: 4 јајца, 8 супени лажици шеќер, 2 ќесички ванилин шеќер, 15 супени лажици млеко, 10 супени лажици масло, 15 супени лажици брашно, 1 ќесичка прашок за печиво (10 г).

Други потребни состојки: 700 мл млеко, 2 ќесички ванилин пудинг, 5 супени лажици шеќер.

Постапка: Пред да започнете со подготовката на колачот, потребно е да ја вклучите рерната на 180 степени да се загрее, бидејќи колачот се подготвува за кратко време. Исто така, користев плех од рерна 35×20 цм, малку намастен и набрашнет на дното и по страните.

Во сад изматете 4 јајца со миксер кратко. Потоа додајте 8 супени лажици шеќер и 2 ќесички ванилин шеќер. Продолжете со матење со миксерот додека смесата малку да се згусне околу 2 минути.

Потоа додајте 15 супени лажици млеко, 10 лажици масло, 15 лажици брашно и 1 ќесичка прашок за печиво. Изматете уште малку со миксерот. Половина од смесата се прелива во тепсијата и се става на печење. Другата половина сочувајте ја за попосле.

Во меѓувреме во тенџере на рингла ставете 500 мл млеко да се загрее, а во преостанатите 200 мл млеко изматете ги двете ќесички пудинг со 5 лажици шеќер. Изматената смеса додајте ја во загреаното млеко и постојано мешајте со маталка до згуснување на пудингот.

По 10 минути печење на кората, проверете дали е добро испечена на површината така што кога ќе прелиете со пудингот да не пропадне пудингот на дното. Преку врелата кора се става врелиот пудинг.

Кората не треба да биде скроз испечена на површината. Пудингот убаво се распоредува на сите страни. Преку пудингот се распоредува остатокот од претходно направената смеса.

Се враќа на печење уште 30 минути на истата температура. По печењето, врз колачот се наросува со шеќер, а одозгора како декорација се става по една јагода или малина кога ќе се пресече на парчиња.

Често го комбинирам со свежо овошје, најдобро оди со малини, но може да ставите и јагоди. Оди со секое овошје, што имате дома, ставете тоа.. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.