Ова е еден проверен рецепт за брз колач со ореви кој секојпат успева и секогаш излегува со одличен вкус. Се приготвува со состојки кои речиси секој ги има дома, а самата постапка е многу брза и лесна. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (се мери со чаша од 200 мл): 2 чаши брашно (250 г), 1 мала лажичка прашок за печиво (1/2 кесичка или 5 г), 2 јајца, 1 чаша гриз (140 г), 10 г ванилин шеќер (1 кесичка), 1/2 или 1 чаша шеќер (100 или 200 г шеќер по вкус), 1/2 чаша масло (100 мл), 2 чаши јогурт (400 мл), 1 чаша мелени ореви. ЗА ЧОКОЛАДНА ГЛАЗУРА: 150 г чоколадо и 2 супени лажици масло




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад скршете две јајца, па пенасто изматете ги со миксер. Потоа постепено додајте 10 г ванилин шеќер и додека непрекинато матите со миксерот на неколку наврати додајте го шеќерот (количина по ваш вкус).




Јајцата треба да се матат 8-10 минути додека шеќерот целосно да се растопи а смесата да осветли и да згусне како крем. Потоа во тенок млаз додајте го маслото (100 мл) и две чаши кефир или јогурт (400 мл). Матете додека смесата да се изедначи.




Потоа на ред се сувите состојки. Додајте две чаши просеано брашно помешано со една мала лажичка прашок за печиво. Најпрво состојките промешајте ги со жица маталка или со шпатула, а потоа продолжете го миксањето со миксер.




Во смесата додајте го и гризот (1 чаша). Матете неколку минути додека сите состојки да се изедначат во една густа, мазна и хомогена смеса. Најпосле додајте една полна чаша мелени ореви и уште еднаш промешајте со лажица или шпатула додека да се изедначи.




Приготвената смеса истресете ја во калап со флексибилен обрач 24 см, претходно намастен и набрашнет или обложен со хартија за печење. Тестото рамномерно распоредете го и израмнете, а калапот неколкупати потчукнете го за да излезат евентуалните воздушни меурчиња.




Ставете да се пече во добро загреана рерна на 180 минути околу 30-40 минути, но најдобро е да проверите со чепкалка (ако излезе сува, значи дека е добро печен колачот). Потоа оставете го да се лади, а за тоа време пригответе ја глазурата.




Чоколадото искршете го на коцки, додајте две супени лажици масло и растопете го на пареа или во микробранова печка. Глазурата прелијте ја врз колачот, почекајте малку да се олади и стегне, па сечете и послужете. Деталите можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.