Ви го предлагам овој исклучителен колач кој е совршен за посните денови. Јас ќе ви предложам и некои измени, за да добиете уште поубав и посочен колач (како на пример, намалете го брашнопто за една шолјичка, ќе биде поретко тестото, но подобро).

Јас го намалив и шеќерот, но не беше доволно слатко по наш вкус, така што, можеби е подобро да ставите 5 шолјички шеќер, како што стои во рецептот. За овој рецепт за мерење користев шолја од 100 мл, а количината е доволна за калап со димензии 20х30 см. Рецепт на Рада.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 10 шолјички брашно (моја препорака е да ставите 9, но тоа зависи од самото брашно), 5 шолјички шеќер (јас ставив 4), 5 шолјички вода, 3 шолјички масло, 1 кесичка прашок за печиво, 1 кесичка ванилин шеќер, 2 лажици какао во прав, 1 лажица вода.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА СИРУП: Бидејќи колачот излегува висок, јас ви предлагам да сварите повеќе сируп, па по желба зголемете ги дадените состојки; 150 г шеќер и 200 мл вода, а може да додадете и малку лимон. Сирупот се приготвува прв за да има време да се олади

ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад ставете го брашното, шеќерот (најдобро е 9 шолјички брашно со 5 шолјички шеќер), 1 кесичка ванилин шеќер (10 г) и една кесичка прашок за печиво (10 г). Добро промешајте со лажица или шпатула, па во средината направете вдлабнување.

Овде истурете го маслото и 500 мл обична вода, па добро измешајте со жица маталка додека да добиете изедначена, хомогена смеса без грутчиња, со густина слична на онаа која се добива за пандишпаните од торти.

Смесата веднаш поделете ја на два еднакви делови, а во првиот дел додајте две супени лажици какао во прав. Промешајте добро додека смесата да се изедначи и целата да стане кафеава. Потоа подгответе го калапот, намастете го и обложете го со хартија за печење.

Започнете со редење на тестото: ставајте наизменично по две лажици во средината од калапот. Може да користите и тркалезен калап за торти доколку сакате. Две лажици бела смеса, па во средината на белата смеса, ставете две лажици кафеава смеса, и сè така додека да се потрошат двете смеси.

Протресете го малку плехот на крај, па ставете го да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу 25-30 минути. Откако ќе се испече колачот имате две опции: првата е да го оставите колачот каков што е, а втората опција е да го прелиеете со сируп.

За сируп: зовријте на оган 150 г шеќер и 200 мл вода додека шеќерот целосно да се растопи, 2-3 минути, а по желба кој сака може да додаде и малку лимонов сок. Печениот колач со чепкалка за заби или со виљушка избокајте го, па прелијте го сируп (топол колач – ладен сируп).

Оставете го колачот да се олади и да го впие сирупот, а потоа изладете го сечете го на коцки. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.