Многу брз рецепт за една фина закуска за сите пригоди. Овие соленки нема кој не ги сака. Се замесуваат за неколку минути, потоа тестото се остава да отстои приближно половина час, па се дели на повеќе стапчиња кои се полнат со фил, а потоа се ставаат на печење сосема кратко време.
Стапчињата имаат посебен вкус кој им го дава сирењето, а може да ставите и урда. Со овој рецепт нема да се задржите долго во кујната, и нема многу да извалкате садови. Може да ги филувате со нешто по ваш вкус, но според мене највкусни се кога се полнети со едноставен фил, кој не доминира многу во стапчињата. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 чаши топла вода (400 мл), 4,5 чаши брашно (540 г), 1 кесичка сув квасец (10 г), 1 лажичка шеќер (10 г), 1 лажичка сол (8 г). За филот: 200 г фета сирење, малку сечкан магдонос. За премачкување: 2 жолчки и 1 лажица млеко.
ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад сипете 200 чаши млака вода, па додајте 1 кесичка сув квасец и 1 лажичка шеќер и промешајте со шпатула, додека шеќерот и квасецот да се растворат. Потоа додајте 4,5 чаши брашно со 1 лажичка сол.
Измешајте најпрво со шпатулата, додека целото тесто да се собере и да стане мазно и вискозно, а потоа и со рака. Замесете го тестото додека сите состојки да се изедначат и да добиете убаво компактно тесто со средна цврстина. Покријте го со проѕирна фолија и оставете го на топло место да отстои и дополнително да порасне, приближно половина час.
По изминатото време истресете го тестото врз малку набрашнета работна површина, па со домесете го уште малку додека да излезе целиот насобран воздух. Домесете го така што надворешните страни ќе ги виткате кон средината, па обликувајте го тестото во валјак.
Валјакот поделете го на половина, по должина за да добиете два потесни валјаци од кои треба да исечете по пет парчиња од тестото. Внимавајте парчињата да бидат со иста големина. Секое тесто обликувајте го во топче и ставајте ги настрана на набрашнета маса да одморот приближно 15-тина минути.
Обликот на соленките секако може да биде и по ваш избор. Може да ги сечете уште потенки и подолги, да вадите фигури со модли, или пак со една поголема и една помала чаша да вадите прстени. Нас ни се најубави кога се долги како стапчиња.
По отстојување на топчињата, секое развлечете го во потенок валјак и складирајте го настрана, додека да ги подготвите останатите. По подготовка на стапчињата, подгответе го филот, така што ќе измешате фета сирење или урда со ситно сечкан магдонос. Дегустирајте го филот и доколку е потребно подолете го.
Секое од стапчињата сплескајте го малку за да се рашири површината и на средина наредете од филот, па со краевите залепете го стапчето и повторно со прстите нежно притиснете го за да се залепи. Стапчињата треба да изгледаат како мали чамчиња. На овој начин подгответе ги сите стапчиња.
Редете ги во плех обложен со хартија за печење, оставете ги да одморат неколку минути, па премачкајте ги со мешавина од две жолчки и малку млеко. Ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 180 степени околу 25 минути или додека убаво да заруменат. Соленките се убави и вкусни кога се топли, но остануваат и меки откако ќе изладат. Деталите погледнете ги ОВДЕ.