БОЖИЌЕН КОЛАЧ: Со суво овошје и ореви, нема поубав

За Божик направете свечен куглоф со кандирано овошје, суво грозје, кајсии, ореви и лешници со вкус на рум – совршен празничен божиќен и новогодишен колач. Во продолжение ви ги претставуваме рецептот на Тања (за кој има и видеопрезентација) и рецептот на Данка (чии рецепти се многу популарни и барани). Еве што ви е потребно:

рецепт 1




РЕЦЕПТ 1 (на Тања) – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: по една рака: кандиран ананас, кандирана папаја, сува брусница, суво грозје, суви кајсии, ореви и лешници, 100 мл млака вода, 3 супени лажици рум, 250 г омекнат путер, 250 г кафеав шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 4 крупни јајца (или 5 поситни), 250 г брашно, 1 кесичка прашок за печиво (10 г)

рецепт 2

РЕЦЕПТ 2 (на Данка) – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 5 јајца, 250 г брашно, 1/2 кесичка прашок за печиво (5 г), 250 г шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 1 супена лажица масло, 1 супена лажица лимонов сок или оцет, 400 г мешано суво овошје + јатки по желба




ПОСТАПКА за рецепт 1: иситнете го сувото овошје и јатките, па промешајте ги сите заедно во еден длабок сад и прелијте ги со 100 мл млака вода и 3 супени лажици рум. Промешајте и оставете да отстои додека да се хидрира и набубри.




Калапот за куглоф добро намастете го со путер и наросете го со брашно. Путерот оставете го на собна темепратура да омекне, па додајте 250 г кафеав шеќер помешан со една кесика ванилин шеќер, па пенасто изматете со миксер. Потоа започнете да додавате едно по едно јајце додека непрекинато матите.




Потоа брашното помешајте го прашокот за печиво и додајте го во смесата. Продолжете да матите со миксерот додека да се изедначи смесата. Потоа додајте ситно рендана кора од еден портокал и еден лимон, како и сувото овошје и јатки (исцедени од вишокот течност).




Рерната вклучете ја да се загрева на 180 степени додека да ја измешате убаво смесата со лажица или шпатула. Добиената смеса внимателно претурете ја во приготвениот калап, распоредете ја и израмнете. Ставете да се пече приближно еден час, па оставете целосно да се олади. Деталите погледнете ги ОВДЕ. Следи постапката за рецептот на Данка:




ПОСТАПКА за рецепт 2: Помешајте го брашното со прашокот за печиво. Одвојте ги белките од жолчките, па белките изматете ги со прстофат сол во цврст снег. Во садот со жолчки додајте шеќер и ванилин шеќер, па добро изматете додека шеќерот да се растопи.




Потоа додајте масло, лимонов сок, па кога ќе се соедини додајте го брашното со прашокот за печиво. Добро соединете, да добиете густа смеса. На крај додајте го сувото овошје, промешајте, па најпосле додајте го и снегот од белки. Се меша со лажица.




Добиената смеса распоредете ја во подготвен калап (намастен со путер) и печете во загреана рерна на 170 степени приближно 50-60 минути, па се проверува со чепкалка. Оставете го во калапот да се олади, па превртете го, наросете го со шеќер во прав и послужете. По желба во тестото може да додадете малку рум и цимет, а шеќерот да го намалите на 200 г.

Претходна статијаНАПРАВЕТЕ РЕФОРМ БЕЗ БРАШНО: Најпопуларната торта, а сите состојки се наоѓаат за евтино
Следна статијаНЕМА ПОДОБРА КОМБИНАЦИЈА ОД ОВА: Вкусна, кремаста и посна торта со многу крем, јатки и желе бонбони