Боранија, малку калории – голема лековитост. Добра за потенција и дијабетес

Боранијата (Phaseolus vulgaris) е зеленчук кој потекнува од Мексико, а денес се користи речиси насекаде во светот. Постојат голем број сорти кои се разликуваат:

-по боја: жолта, зелена, виолетово-жолта, шарена;

-по должина: кратка, средна и долга;

-по облик: остра, тркалезна, широка и сплескана.​

Се користат свежите, млади мешунки во кои зрната сеуште не се развиле целосно а предност имаат сочните и меснатите сорти кои немаат конци.

Боранијата се користи на различни начини, но секогаш готвена или бланширана затоа што не може да се јаде сирова поради протеинот фазин кој е отровен. Со готвење овој протеин целосно се разорува, но не и со сушење. Боранијата се додава на разни салати, чорби и динстани јадења.

Благодарејќи на специфичниот состав, боранијата е одлична намирница за регулирање на нивото на шеќер во крвта. Содржи неесенцијална аминокиселина, аргинин кој делува слично на инсулинот, и на тој начин се снижува нивото на шеќер во крвта и урината. Аргининот исто така, предизвикува вазодилатација, што е пак предуслов за добра потенција.

Аргининот не се уништува со готвење, па така боранијата им се препорачува на дијабетичари, најдобро во вид на вариво.​

Содржи калиум кој ја издвојува боранијата од останатите видови мешунки. Калиумот делува како диуретик, поволно влијае врз работата на срцето, го регулира крвниот притисок и помага во исфрлање на штетните материи и вишокот течности од организмот.

Влијае врз намалување на мокрачната киселина, уреата во мокрачата, па така се препорачува и на оние кои имаат проблем со гихт.

Останатите минерали кои ги содржи боранијата покрај калиумот се: калциум, фосфор, магнезиум и во значителна количина железо, па така е делотворна и за анемија, болести на забите, крварење од носот.​

Витамините кои ја прават боранијата исклучително здрава намирница се: провитамин А, Б1, Б2, ПП, Ц и Е. Посебно треба да се консумира при намален имунитет, настинки, грип, разни инфекции, екцеми и остеопороза.

Во исхраната има многу голема биолошка вредност, а релативно мала енергетска вредност, па така, според составот повеќе е слична на другиот зеленчук отколку на мешунките.

Loading...