Чаевите и билните капки направени од билки богати со етерични масла, го јакнат имунитетот и имаат силно противбактериско и противгабично дејство

Candida albicans е една габичка која може да ви го загорчи животот. Многу често се јавува после некоја болест која доведува до пад на имунитетот или како последица на силен стрес. А посебно може да се насели на вашата кожа или на слузницата од урогениталниот или дигестивниот тракт после интензивни и долготрајни терапии со антибиотици.

Постојат и разни трихофтии кои ја напаѓаат косата а се добиваат од болен домашен миленик. Тоа се разни квасни габички кои се населуваат на вашата кожа и ноктите.

Зафатените подрачја чешаат, се јавуваат црвенила а ноктите стануваат жолтеникави, се задебелуваат и стануваат ронливи. По миење, прстите и подрачјата помеѓу нив треба добро да се исушат и да се намачкаат со крем против габички или тоник, а секако, препорачуваме и носење на памучни чорапи во кои ногата може да „дише“.

Воспаление на матката

Вагинална кандидијаза. Во овој генитален или урогенитален дел, габичното воспаление создава силен јадеж која може да се зголеми навечер во топлиот кревет. Исцедокот станува пообилен, бел, со парчиња и непријатен мирис. Слузницата е црвена, воспалена, иритирана и со чувство како да е жешка и отечена.

Габичките лесно се населуваат и размножуваат, па би можеле да ги добиете и од партнерот во текот на односот. Исто така, и партнерот може да се зарази од својата партнерка, па на препуцијата и главичката ќе има црвенило, црвени дамки и секако-јадеж.

Затоа е најдобро при односот да се користи кондом како заштита, и двајцата партнери строго да се придржуваат на терапијата.

Во исхраната треба да се одбегнуваат сите намирници кои содржат габи, кикирики, печурки, слатко и сите јадења со квасец. Бидејќи доста шеќер има и во овошјето, и со него не смеете да претерувате.

Фитотерапија

Интерно можете да применувате чај и билни капки од жалфија, темјан или мајчина душичка, ким, исландски лишај или лаванда. Ова се најважните билки, богати со етерични масла со противбактериско и противгабично-антимикотично дејство.

Во терапијата се пие по литар чај дневно. Ако не можете да го пиете чајот без шеќер, тогаш во него додадете стевија. Со чајот се пијат околу 50 капки против габи. Билните капки, т.е. тинктурата се приготвува од жалфија и невен или имела. Имелата и невенот се силни имунолошки билки што исто така е важно во оваа терапија бидејќи и имунитетот мора да биде добар за поуспешно лекување.

ТИНКТУРА

За подготовка на тинктурата се користи алкохол (најмалку 60%, на пример, вотка) за да се добие екстракт со поголема концентрација од чајот или декокцијата. Рецептите не се единствени во поглед на соодносот на билката и алкохолот, како ни времето за подготовка, но вообичаениот размер е 120 грама мелена или иситнета сушена билка на 2 чаши алкохол.

Алкохолот треба целосно да ја покрие билката, па можете да употребите и повеќе алкохол. Ако користите свежи билки, двојно зголемете го количеството на билката и алкохолот. Ставете ја билката во непроѕирна тегла или шише што може добро да се затвори, прелејте со алкохол, затворете ја и ставете ја на топло место (околу 25 степени), но избегнувајте директна сончева светлина. Ако теглата е порозна, не оставајте ја на скап мебел или некоја друга подлога што течноста може да ја оштети.

Во текот на две недели протресувајте ја теглата двапати дневно. По две недели процедете ја и ставете ја течноста во друга непроѕирна тегла или шише и оставете ја на студено место.

Не изложувајте ја на директна сончева светлина, зашто ќе ја изгубат делотворноста. Вообичаената доза изнесува 10-30 капки, што се употребуваат без додатоци или се мешаат со вода или сируп, два до четирипати дневно. Бидејќи содржат алкохол, тинктурите може да се чуваат најмалку две години. Меѓутоа, ако се подготвуваат со свежи билки, трајноста им е многу пократка. Тинктурите се основната состојка на многу препарати, како што се билните облоги и масти, а може да се стават и во водата за бањање.

Румот, џинот и коњакот, исто така се добри растворувачи. За подготовка на тинктура никогаш не користете метил-алкохол, алкохол за чистење или индустриски алкохол, бидејќи се многу отровни.

Бремените жени, децата, дијабетичарите и луѓето кои мора да избегнуваат алкохол може да користат тинктури подготвени со јаболков оцет или глицерин наместо дестилираниот алкохол. Друга можност е отстранувањето на алкохолот од тинктурата, така што одредена доза на тинктурата се става во чаша и се додаваат две лажици врела вода. Во текот на ладењето на смесата поголемиот дел од алкохолот ќе испари.