За овој рецепт не ви е потребно месење, ниту многу труд. Питата со месо, според рецептот на Сања од „Кујната на Аурора“ доби многу пофалби, излегува дебела и сочна. Одлична е за ручек со шолја јогурт. Во филот се ставаат месо и компири, но некои го изоставуваат компирот. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ФИЛ: 1 голема главица или 2 мали главици кромид, 450 г мелено говедско месо, 3-4 рендани компири, зачини по вкус, малку зачинска пиперка, малку сол, 450 г готови кори за пита. ЗА ПРЕЛИВАЊЕ: 3 јајца, 250 мл јогурт, 100 мл масло, 200 мл газирана вода, сусам за наросување.

ПОСТАПКА: Во едно подлабоко тавче ставете малку масло да се загрее на средна температура на ринглата. Подгответе си една до две главици кромид (во зависност од нивната големина) и исечкајте ги на ситни коцки. Вака подготвениот кромид ставете да се пропржи во загреаното масло.

За кромидот да ја испушти својата прекрасна арома, гответе го на тивко, оганот не треба да е многу силен и повремено промешувајте. Ќе забележите дека кромидот ќе почне да омекнува, а потоа и да се карамелизира. Ова е најдолгиот процес од готвењето на кромидот, но доколку сакате да го доловите неговиот преубав вкус потребно е да го готвите подолго.

Потоа, додајте го меленото месо и малку зголемете ја температурата на ринглата. Месото треба да посиви и да добие фина коричка, а притоа од него да испарат течностите. При крајот од готвењето, зачинете го по вкус со сол, црвена зачинска пиперка, црн пипер, сув зачин итн..

Тргнете го тавчето настрана, па преминете на подготовка на компирите. Измијте ги добро, излупете ги, па изрендајте ги на најкрупната страна од рендето. Потоа, ставете ги во тавчето со месото и кромидот и пропржете ги накратко, доволно е 2-3 минути, додека да омекнат. По вкус додајте повеќе сол или други зачини.

ЗА ПРЕЛИВОТ: Јајцата треба да бидат на собна температура пред да ги изматите пенасто. Потоа, додајте 250 мл јогурт, изматете уште малку, па додајте го маслото и газираната вода. Подгответе си сад за печење, плех или тепсија и малку намастете го на дното и од страните.

Советот на Сања е питата да ја правите во подлабок сад за да биде подебела, така е многу повкусна. На дното ставете една кора (доколку кората е голема може да ја преполовите). Премачкајте малку со преливот, па ставете втора кора, исто преполовена.

Филувајте со 2 лажици од филот со месо, па продолжете со премачкување и филување на секоја наредна кора, додека да ги потрошите намирниците. Завршете со ставање на две кори одозгора за да ја затворите питата. Премачкајте, па исечете ја питата на крупни коцки, пред да ја ставите на печење.

Пресечете целосно до дното за преливот што повеќе да впие во внатрешноста. Прелијте со остатокот од преливот постепено, па кога ќе го сипете целиот оставете 15 минути да впие во внатрешноста, додека рерната да се загрее. Загрејте ја рерната на 180 степени, па печете 30 минути. Питата се наросува со сусам пред печење. Деталите погледнете ги ОВДЕ.