Овие вкусни баварски кифли ни ги претстави нашата драга членка, почитуваната Лидија Стојанова, во групата НМД рецепти. Секогаш уживаме во нејзините креативни рецепти.

Баварските кифли одлично си одговараат со кисели пиперки полнети со урда. Тоа се многу вкусни кифли кои имаат специфична боја, вкус и мирис. Ако сакате да ја дознаете тајната за нивното подготвување прочитајте го рецептот подолу, а после пишаниот рецепт има и видео за подготовката.

Потребни состојки: 800 г брашно тип 500, 1 коцка цвеж квасец, 200 мл млеко, 1 лажичка шеќер, 2 лажички сол, 50 мл масло, 200 мл вода. За варење на кифлите: 2 литри вода, 5-6 лажици сода бикарбона и по желба сусам за наросување.

Постапка: Во подлабок сад ставете 800 г брашно, издобен квасец, 200 мл топло млеко и една лажица шеќер. Добро промешајте, па потоа додадете две лажички сол и повторно промешајте.

Следно, додадете 50 мл масло и 200 мл вода, па убаво со рака промешајте го, а потоа и на работна површина замесете го тестото околу 10-тина минути. Ова тесто е доста потврдо од вообичаените теста, па затоа е потребно малку подолго да се меси за да добиете убаво мазно тесто.

Потоа тестото покријте го со проѕирна фолија и крпа и оставете го да одмори половина час. Откако еднаш ќе стаса тоа е толку еластично и лесно за изработка што од него можете да правите најразлични форми.

Формирајте го во вид на валјак и исечете на колку сакате делови. Од секое делче понатаму можете да правите различни форми на печива, кифли, переци, плетенки, лепче за сендвичи и слично.

За кифли: развлечете кора со форма на триаголник, па свиткајте ја во вид на кифла. За француски сендвич: развлечете ја кората во форма на правоаголник, свиткајте ја во цилиндар и уште малку со дланките развлечете. За перек: од парче тесто исукајте долго и тенко валјаче и потоа свиткајте го во вид на перек.

Откако ќе ги направите кифлите, во тенџере со зовриена вода ставете сода бикарбона. Секоја кифла варете ја во врелата вода околу 10-тина секунди и вадете ја со решеткаста лажица. Потоа редете ги во плех обложен со харѕија за печење.

Поради содата добиваат преубава румена боја и затоа нема потреба да се премачкуваат со јајце. По желба можете да ги наросите со малку сусам и да ги засечете со остар нож за да бидат шарени.

Ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 200 степени околу 20 минути, а потоа додека се топли премачкајте ги со малку масло, а после 15-тина минути се спремни за јадење. Постапката со видео рецептот можете да ја погледнете подолу: