За сите љубители на кокосот – ова се одлични колачи!

Потребни состојки: 300 г брашно, 150 г шеќер, 100 г маргарин или путер, 2 жолчки, 1 лажица какао, ½ прашок за печиво, малку кисела павлака или млеко

За прв фил: 6 белки, 150 г шеќер и 150 г кокос. За втор фил: 4 жолчки, 2 пудинг од ванила, 600 мл млеко, 150 г маргарин или путер и 100 г шеќер во прав. За глазура: 150 г чоколадо за готвење или кокос, рендано чоколадо, какао

Постапка: во еден сад се става брашното, се прави вдлабнување, па се додава сечканиот путер, жолчката, какаото, прашокот за печиво и малку кисела павлака (околу половина чаша) или млеко.

Сите состојки се мешаат и се замесува мазно тесто. Веднаш се дели на два еднакви делови, па на побрашнета работна површина се развлекува кора според димензиите на плехот (25х37 или приближно).

Плехот се намастува со масло и се набрашнува, па се става првата кора.

Белките добро се матат во цврст снег, па шеќерот се додава малку по малку додека постојано се мати со миксер. Потоа со лажица се додава постепено кокосот, па внимателно се меша за да се изедначи. Смесата ја распоредуваме врз првата кора и ја израмнуваме со лажицата.

На набрашнетата површина се развлекува и втората кора, па внимателно се става врз снегот од белки. Се пече во загреана рерна на 180 степени околу 20 минути. Жолчките пенасто се матат, па во нив се додава прашокот за пудинг и 100 мл млеко, па добро се промешува.

Остатокот од млекото се става на оган да зоврие, па се вари пудингот со постојано мешање додека да згусне. Сварениот крем се трга на страна и се остава да излади. На страна се мати путерот со шеќер во прав, па во него се додава изладениот пудинг и заедно добро се матат.

Врз изладеното тесто се става жолтиот фил и се остава во фрижидер да излади околу половина час. Се украсува колачот со растопено чоколадо или само со кокос, па се сечат коцки.