Ние го обожаваме овој колач. Нешто толку сочно, а едноставно и фино одамна не сум направила. Многу се воодушевив со овој рецепт. Дури, некогаш го приготвувам како бисквит-подлога за торта, па доколку ви се допаѓа оваа идеја, користете калап со пречник 26 см од кој потоа се добива две кори.




Помеѓу премачкајте со некој ваш омилен крем, жолт и чоколаден, и ете, за многу кратко време добивате торта. Инаку, овој колач е омилениот на децата, едноставно, нема кој не го сака. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 5 јајца, 2 шолји (од кафе) шеќер, 3 шолји брашно, 1 шолја масло, 1,5 шолја млеко, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 1 кесичка прашок за печиво (10-12 г), малку рендана кора од лимон за вкус, прстофат сол. ЗА ПРЕЛИВ: 500 слатка павлака, 300 г чоколадо (црно за готвење или некое по ваш избор)




ПОСТАПКА: Во подлабок сад најпрво изматете ги јајцата со прстофат сол, заедно со шеќерот додека да згуснат. За да добиете уште помек колач, одвојте ги белките и жолчките, па од белките изматете цврст снег со постепено додавање на шеќерот. Кога шеќерот целосно ќе се растопи, започнете да додавате една по една жолчка.




Но, можете јајцата и одеднаш да ги изматите со постепено додавање на шеќерот, а она што е важно е подолго да ги матите додека смесата да згусне и побели. Потоа една по една додавајте ги течните состојки и матете со намалена брзина.




Најпосле додајте ги прашкастите состојки, најдобро да бидат просеани низ сито. мешајте со лажица/шпатула или со мала брзина на миксерот додека сите состојки да се изедначат и добиете мазна, хомогена смеса.




Во намастен и набрашнет плах со димензии 20х30 см излејте ја приготвената смеса, израмнете и малку протресете, па ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180-200 степени (во зависност од рерната) околу половина час. Проверете со чепкалка кога е печен бисквитот.




Слатката павлака ставете ја тивок оган да се загрее, но не смее да зоврие, бидејќи ќе го промени вкусот. Додајте го чоколадото искршено на коцки и мешајте додека целосно да се растопи и добиете чоколаден, течен и мазен прелив.




Топлиот испечен бисквит со дршката од дрвена лажица набоцкајте го густо, па додека сè уште е врел залијте го со чоколадниот прелив. Најпрво, со помош на лажица пополнете ги дупките, а потоа прелијте го целиот колач. Ако можете, почекајте да се излади пред да го послужите. Рецепт на Бетинна / Сооlinarika.com