Нема многу работа околу овој колач и навистина е извонреден. Вистинско пролетно освежување кое се топи во уста! Ако почна многу да ви се јаде сладолед, оваа торта е вистински погодок за вас бидејќи е подобра од сладоледот-банана сплит која стана хит.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 г мелени кекси, 100 г путер омекнат на собна температура, 50 г рендано црно чоколадо, 5 лажици млеко (обично или сојно), 3 банани изгмечени. ЗА ПУДИНГ: 400 мл сојно или обично млеко, 2 кесички пудинг од ванила, 3 полни лажици шеќер. И УШТЕ: 50 г чоколадо, 100 г путер. За декорација: шлаг, чоколадо, сечкани бадеми.




ПОСТАПКА: чоколадото изрендајте го на ситно ренде и додајте го во садот заедно со мелените кекси и путерот омекнат на собна температура. Со рака измесете додека да се соедини. Во ровката смеса додајте 5 супени лажици млеко, па продолжете да месите додека да стане леплива и лесна за обликување.




Вака приготвената смеса рамномерно распоредете ја во калап за торти со пречник од 24 см и убаво израмнете со лажица, чаша или рака. На ивиците малку подигнете ја кората околу 1 см. Оставете го калапот во фрижидер половина час за да се стегне кората.

Од 400 мл млеко одземете малку за да го растворите прашокот за пудинг и шеќерот, а остатокот ставете го на оган. Откако ќе зоврие млекото, во него ставете го разматениот пудинг и мешајте постојано додека да се згусне. Оставете го настрана за да излади.




Три банани излупете ги и изгмечете ги со виљушка или изблендирајте ги, како ви е полесно. Во пирето од банани додајте две преполни супени лажици пудинг и промешајте за да се соедини. Смесата од банани излејте ја во калапот врз кората од кекси и убаво распоредете.




Преку оваа смеса изрендајте 50 г чоколадо или по желба и ставете во замрзнувач за побрзо да се стегне филот со банани. Во млакиот пудинг додајте путер омекнат на собна температура па изматете со жица или миксер за да се соединат.

Кремот внимателно распоредете го врз ренданото чоколадо и израмнете. Вака приготвениот колач вратете го во замрзнувач 1,5 час, а потоа отстранете го обрачот. Украсете со шлаг, чоколадо и сечкани бадеми. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.




II РЕЦЕПТ БАНАНА ТОРТА: Лесна, вкусна, брза, освежителна… Фотографија и рецепт на Анета Ане. Потребни состојки: 4 пудинг од ванила, 400 г кршени бисквити (пишкоти), 2 пакетчиња ресани, 200 г желе бонбони, 5 крем банани, 4 банани, 2 шлаг пена, 250 г путер/маргарин, 250 г шеќер во прав, 1 литар млеко и 12 лажици шеќер.




Постапка: пудинзите се варат во млекото со 12 лажици шеќер. Сварениот крем се остава да излади, па се меша со пенасто изматен путер и шеќер во прав. Во добиената смеса се кршат пишкотите, се додаваат ресаните исечени на четвртинки, сечкани желе бонбони и крем банани.




Се меша убаво за да се изедначи смесата која потоа се дели на два еднакви делови. Првиот дел се реди во калап обложен со најлонска фолија (јас користев поголемо тенџере), а врз него се редат сечкани банани. Врз бананите се истура вториот дел од филот и убаво се израмнува.




Тортата се остава неколку часа во фрижидер убаво да се стегне, а може и во замрзнувач. Откако ќе се стегне убаво тортата, ја префрламе во чинија за сервирање и укасуваме со изматена шлаг пена и уште еднаш се враќа во фрижидер околу половина час. Потоа се сече и се послужува. / Банана торта (Фото и рецепт: Анета Ане)




Рецептот на Violeta Kicovska за слична торта наречена ШНЕТ: “Јас правев денеска нешто слично. Постапка: 250 г бисквити се дробат и сечкаат 2-3 банани во кругчиња. Се вари 1/2 литар млеко со 4 лажици шеќер и 2 ванили.




Во сад се мешаат 4 жолчки, со 2 лажици густин и малку млеко. Се прави крем и уште топол се истура врз бисквитите и бананите. Се меша убаво и се става смесата во голема чинија за сервирање. Се матат 4-те белки и се става шлагот одозгора. Може да се украси со рендано чоколадо или украсни трошки. На здравје!”