Oва е еден многу стар рецепт за чоколадна торта на која филот не се премачкува, туку само се излева бидејќи е течен како млеко. Покрај, тоа, филот добро се впива во секоја кора и ја прави уште посочна од тоа што е, затоа сите ја сакаат. Нашите баби и мајки со сигурност го имаат запишано овој рецепт во големите тефтери со пожолтени листови.

Присетете се на овој вкус, кој ќе ви ги врати сеќавањата од детството. Тортата се прави многу брзо, како што вели баба ми, готова е додека да сварите кафе. Таа често така го залажуваше дедо ми и ќе му речеше дека ќе му направи кафе, да пијат заедно во градината, а потоа скришно ќе му ја направеше оваа торта и ќе го изненадеше со кафето.

Додека дедо ми се забораваше со работата во бавчата, баба ми ќе ја направеше тортата и веднаш ќе ја послужеше, без да се излади. Но, кој има трпение и време за чекање, нека ја олади во фрижидер пред послужување. Еве што е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА КОРА (х2): 2 јајца, 10 лажици шеќер, 1 ванилин шеќер, 10 лажици вода, 12 лажици брашно, 1 лажица какао во прав, половина кесичка прашок за печиво. Се печат две кори кои се сечат за да се добијат вкупно 4 кори.

ПОСТАПКА ЗА КОРАТА: Во еден сад скршете две јајца и изматете ги пенасто, со постепено додавање на 10 лажици шеќер и 1 кесичка ванилин шеќер. Зголемувајте ја брзината на миксерот и изматете во пенаста структура која ќе го зголеми својот волумен.

Кога шеќерот ќе се растопи додајте 10 лажици вода, измиксајте накратко, па тргнете го миксерот настрана. Низ сито додајте 12 лажици брашно, 1 лажица какао и половина кесичка прашок за печиво. Измиксајте лесно со миксерот, па дополнително со шпатула. Смесата треба да биде еднолична.

Излејте ја смесата во кружен калап со флексибилен обрач (обложен), израмнете и протресете за да излезат воздушните меурчиња. Калапот е со пречник од 24 см, но може да користите и слични димензии. Печете во загреана рерна на 180 степени, приближно 20-тина минути, па проверете со чепкалка дали е испечена кората.

Испечете уште една ваква кора, а потоа двете кори оставете ги да се изладат на собна температура. Отсечете им го врвот кој е испакнат и сомелете го во трошки, кои може да ги искористите за декорација. Потоа, пресечете надолжно на 2 еднакви дела, така што ќе добиете 4 кори.

ЗА ФИЛ: 1 литар млеко, 200 г шеќер, 200 г чоколадо за готвење, 250 г путер или маргарин, 250 г мелени ореви. ПОСТАПКА: 1 литар млеко се сипува во тенџере на тивок оган и се остава да зоврие заедно со шеќерот, чоколадото и путерот/маргаринот.

Нежно промешувајте додека сѐ да се соедини и малку да се згусне. Потоа тргнете од оган и додајте ги мелените ореви. Соединете во хомогена смеса и филот е подготвен.

ФИЛУВАЊЕ И РЕДЕЊЕ: На секоја кора се излева по неколку кутлачи од филот, освен на последната. Вака подготвената торта се завиткува во кеса или фолија и се остава да се олади на собна температура, па се превртува во поголем овал, наменет за торти.

ЗА ГЛАЗУРА: 120 г млечно чоколадо и 80 мл шлаг. Соединете ги намирниците за глазурата во тенџере на тивок оган и излејте преку глазурата. Декорирајте со остатоците од трошки од кората. Тортата може дополнително да се излади во фрижидер за да биде постегната. Деталите погледнете ги ОВДЕ.