Колачите со кадаиф обично се шербетни, односно прелиени со шербетен сируп, но не и овој. Во рецептот се користи само една супена лажица шеќер во прав, а колачите се преливаат со малку течен мед. Се декорираат со фстаци, но може да употребите и ореви. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 г кадаиф (2 чаши), 1 супена лажица шеќер во прав, 100 г растопен несолен путер (или маргарин 0,5 чаша), 250 г рикота или крем сирење по ваш избор (1 чаша), сечкани фстаци или ореви, мед за преливање




ПОСТАПКА: Кадаифот ставете го во „сечко“ или блендер и иситнете го со неколку пулса. Не треба да го мелете, туку едноставно да се иситни како фиде за супа. Доколку немате блендер, едноставно иситнете го со раце.




Иситнетиот кадаиф ставете го во еден подлабок сад во кој ќе можете да го мешате, па додајте една полна до врв супена лажица шеќер во прав. Добро промешајте со лажица за да се распореди шеќерот подеднакво.




Сто грама несолен путер или маргарин растопете на тивок оган или во микробранова печка, па оставете го малку да се подизлади, па дури потоа додајте го во садот со кадаифот. Измешајте со рака.




Смесата треба да добие конзистенција на влажен песок. Со помош на лажица полнете калапи за мафини. Оваа количина е доволна за шест калапи со средна величина. Со дното од чаша притиснете одозгора за да се формира вдлабнување во секој калап.




Во секое вдлабнување ставете по една полна супена лажица рикота/крем сирење, па притиснете и израмнете со лажицата за да се пополни целото вдлабнување. Одозгора наросете со преостанатиот кадаиф и покријте ја рикотата.




Вака подготвени калапите ставете ги во претходно загреана рерна на 180 степени и печете ги околу 20-25 минути. Кога се готови извадете ги од рерната и прелијте ги со мед.

Оставете ги да се оладат, па превртете ги од калапите, наросете ги со сечкани јатки, прелијте уште малку мед и послужете ги. Деталите можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.