Фото и рецепт: Верица Николиќ – Испробав разни рецепти за американски палачинки, но секогаш нешто ми недостигаше за да кажам дека навистина се добри. Со овој рецепт сум презадоволна! Добив дебелки палачинки, токму какви што треба да бидат, со воздушеста средина и совршен вкус.

Потребни состојки: 2 јајца, 2 лажици шеќер, 80 мл масло, 500 мл млеко, 250 г брашно, 1 прашок за печиво и 1 прстофат сол Постапка: Одвојте ги белките од жолчките. Белките цврсто изматете ги со прстофат сол и оставете ги на страна.

Жолчките исто така пенасто изматете ги заедно со шеќерот. Додадете масло и млеко и соединете. Постепено додадете го брашното измешано со прашок за печиво и матете со најмала брзина на миксерот за да нема грутчиња од брашното.

На крај, во тестото додавајте лажица по лажица од снегот од белки и мешајте внимателно со шпатула или дрвена лажица за да остане смесата воздушеста.

Тефлонска тава за палачинки намастете ја со масло со помош на силиконска четка и ставете да се загрее на средна температура (кај мене на индукциска плоча е бр.5).

На загреаната тава со кутлача за супа ставете тесто на средината, а тоа само ќе се формира во круг. Јас користев кутлача со пречник од 9 см и не треба да се полни до врв, туку 1 см треба да остане празна.

Кога на површината од палачинката ќе се појават меурчиња, тоа значи дека треба да се преврти и од другата страна за да добие убава румена боја. Печената палачинка извадете ја на тацна, со силиконска четка намастете ја повторно тавата и повторете ја постапката.

За секоја нова палачинка тавата треба да се намасти со масло. Печените палачинки се редат една врз друга.

Се послужуваат со мед и цимет или јаворов сируп, џем, карамел прелив… Може да ги јадете слатки, но и солени. Исто така, може да ги филувате со мешавина од дробено ситно сирење измешано со кисела павлака, да ги редите палачинките една врз друга и да ги сечете како пита.

Фото и рецепт: Верица Николиќ