Делегација од Амбасадата на Соединетите Американски Држави предводена од нејзината  екселенција, Амбасадорката Кејт Мери Брнз, оствари работна посета на „Алкалоид“ АД Скопје, информираа денеска од компанијата.

За време на посетата, велат од „Алкалоид“, високите дипломатски претставници биле запознаени со резултатите од работењето на компанијата, нејзините пласмани и производните операции. Биле презентирани и инвестициите кои „Алкалоид“ континуирано ги реализира низ годините, како и извозните активности.

Акцентот на посетата бил ставен на долгогодишната успешна соработка на компанијата со Соединетите Американски Држави, каде ,,Алкалоид АД“ Скопје во 2005 година основаше своја подружница со седиште во Њу Олбани, Охајо. На ваквиот деловен потег, додаваат од „Алкалоид“, му претходела успешна деловно-техничка соработка со реномирани компании од САД, трасирани пред повеќе од 5 децении.

Во моментов, „Алкалоид“ е партнер од избор на неколку реномирани американски фармацевтски компании со кои има различни форми на соработка, како лиценцно производство, маркетиншко застапување и авторизации за дистрибуција на нивните производи.

Од деловните потфати во САД, од „Алкалоид“ велат дека се горди на пласманите на чаевите од програмата  „Good Nature“. Во изминатите 15 години компанијата имала воспоставено успешна соработка со американски компании специјализирани за производство и дистрибуција на чаеви и природни лековити производи, како реномираната ,,АВЕДА“, членка на групацијата „Есте Лаудер“, компаниите „Арбон Интернационал“ и ,,Свансон“ кои во 2019 година надминале извоз во САД од 5 милиони американски долари, со тенденција за раст.

Амбасадорката Брнз го истакнала своето задоволство од успешното работење на „Алкалоид“ а особено била фасцинирана од обиколката на производните капацитети на компанијата, како и високото ниво на технолошка опременост и човечкиот капитал кој управува со процесите.

На темата човечки капитал, велат од „Алкалоид“, Амбасадорката Брнз особено се интересирала за предизвиците со кои компанијата се соочува при регрутација на нови кадри, нивната обученост, способности и вештини кои се потребни да ги поседуваат заради спецификите на дејноста.

Г-ѓа Брнз ги посетила и најновите проширени производствени капацитети за чија изградба и опремување компанијата неодамна вложила над 11 милиони евра и чие комплетно пуштање во функција се очекува во претстојниот период.