Oваа мини торта е за еден човек, што би рекла јас како што сум многу по благото. Па, си ја правам само за мене и ја јадам во еден залак, но немам грижа на совест бидејќи воглавно се прави од неколку состојки кои не дебелат, секако, пред сè балансот.




За кратко ќе ви се најде на маса и многу лесно се подготвува. Едноставна и има вкус на ванила кој долго се памети. За да ја направите ќе ви бидат потребни следниве состојки:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за калап со димензии 16-18 см: 4 јајца (се одделуваат белките од жолчките), 40 г шеќер, 1 мала лажичка сок од лимон, 150 г мелени ореви. ЗА КРЕМ: 200 мл неутрална павлака (хопла), 40 г шеќер, 1 лажичка сок од лимон, екстракт од ванила, 100 г путер, и рендано чоколадо за декорација (може и какао)




ПОСТАПКА: Најпрво се подготвуваат корите. Одделете ги белките од жолчките, па белките цврсто изматете ги со миксер додека да станат пенасти. Жолчките чувајте ги настрана додека да го подготвите кремот. Во изматените белки ставете го шеќерот и лимоновиот сок и измешајте со шпатула.




Оревите сомелете ги во блендер, па додајте ги во смесата од белки и инкорпорирајте. Во еден поголем плех, обложен со хартија за печење исцртајте ја големината на калапот (16х18 см) на две малку раздалечени места.




Смесата од белки поделете ја на два еднакви делови и внимателно ставете ја на деловите кои што си ги обележавте. Убаво измазнете ги корите и ставете на печење во претходно загреана рерна на 170 степени. Печете 20-25 минути во зависност од јачината на рерната.




Во меѓувреме подгответе го кремот: жолчките ставете ги во едно тенџере и одозгора прелијте ги со неутралната павлака. Додајте ги и останатите состојки како шеќер, лимонов сок и екстракт од ванила и варете на тивок оган додека да зоврие, а потоа со постојано мешање почекајте кремот да згусне, како пудинг.




Кога кремот ќе се направи, тргнете го од рингла и додајте го путерот и измешајте додека кремот е уште врел. Оставете малку да се олади, исто како и печените кори, па во модла редете кора, фил, кора, фил. Со последниот фил обложете ја целата торта.




Ставете во фрижидер да се стегне околу 2-3 часа, па послужете. Тортата може да ја декорирате со рендано чоколадо или со какао во прав, ако ви е полесно. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.