Есенскиот период е идеален за вадење на зимските, а пакување на летните алишта. Иако временските услови се уште не налагаат носење на зимска облека поради прекрасното есенско сонце, сепак треба да бидеме спремни во секој момент кога ќе падне првиот дожд и температурите ќе почнат да се намалуваат.

Некои воопшто не ја сакаат зимата поради постојаното чувство на некомфорност и натрупаност, а најчесто дебелите џемпери кои треба да не топлат, почнуваат да чешаат од акрилните влакненца. Во продолжение прочитајте како да се справите со овој проблем и неколку совети ако алиштата ви се смалуваат по перењето:




Пред секое купување, проверете го составот на облеката која ја купувате. Секогаш кога имате можност, изберете природни материјали и држете се подалеку од акрилик, бидејќи тој предизвикува чешање по кожата.

Но, доколку веќе имате некое акрилно парче облека, најчесто џемпер, можете многу лесно да го отстраните непријатното чувство на чешање со помош на овие природни намирници.




Оцет за отстранување на непријатниот допир од џемперот. За да го направите вашиот џемпер мек и удобен, натопете го во мешавина од оцет и вода, оставете го да отстои околу 20 минути, исцедете го и оставете го да се исуши.




„На сите тврди влакна им треба малку омекнување. Иако е најлесно да се стави џемпер во омекнувач, природните алтернативи се исто толку добри, ако не и поефикасни.”




Исто така, и регенераторот за коса е подобра опција од кој било хемиски омекнувач. Ако не сте задоволни од ефектите на оцетот, обидете се да го омекнете џемперот со регенератор за коса. Како и косата, на влакната од облеката им е потребна влага и хидратација за да бидат помеки и да не ја гребат кожата.




Препорачливо е да ставите малку регенератор на рацете, а потоа да поминете со нив преку џемперот со прстите, да исплакнете со ладна вода и да го оставите да се исуши. Дополнително, регенераторот ќе му даде пријатен мирис на вашиот џемпер.




Ако џемперот ви се смалил по перењето, направете го следново… Понекогаш, после машинското перење, а најчесто поради центрифугата или несоодветната температура, алиштата може да ја променат својата величина и да се намалат за еден или два броја.




За среќа на сите домаќинки, постои трик со чија помош лесно може да се поврати првобитната величина на стеснетите алишта. Памучната облека лесно го враќа својот облик и првобитниот изглед, ако направите три едноставни чекори.




Се што ви е потребно: топла вода, детски шампон и голем пешкир. Еве што треба да направите: облеката која се собрала при перењето, ставете ја во благ раствор од вода и детски шампон (на 1 литар вода – 1 супена лажица шампон). Оставете да отстои 20 минути.




Извадете ја облеката, малку исцедете ја па ставете ја врз пешкирот. Свиткајте го пешкирот заедно со облеката во ролна, и оставете го така да отстои 15 минути. Одмотајте го пешкирот па полека растегнете ја ткаенината.




Влакната ќе бидат омекнати. Така, лесно ќе можете да ја вратите облеката во првобитната состојба. После внимателното растегнување, оставете ја облеката да се суши врз пешкирот, во хоризонтална положба.