Со цел вашата градина да биде шарена кога ќе пристигне пролеттa, сега е вистинското време да започнете со малите градинарски работи. Со оглед на нестабилниот и непредвидлив февруари, овој месец се сади цвеќе во затворен простор, за да се одбегнат ненадејни врнежи или многу ниски температури.

Февруари е идеален период за засадување на петунии, каранфили, жалфија и лобелија, но ако почвата не е замрзната можете да засадите и гладиоли. Ако планирате да садите од семе, мора да го сторите тоа во саксии, кои подоцна ќе ги пренесете надвор.

Петунии – Ако сакате цвеќиња што ќе цветаат обилно преку цело лето, тогаш петуниите се идеално решение. За многумина, петунијата е најубавиот цветен вид – првенствено поради прекрасните форми на ливчињата, како и волшебните бои.

Покрај различните видови цвеќиња, петуниите се разликуваат во обликот на цвеќето кое личи на инка, камбановиден до целосно отворен. За петунијата да ви расте преку цело лето и да цвета обилно и постојано, мора да ги следите овие неколку совети. Одржувањето на овој цвет не е воопшто тешко.

Токму поради ова, не е ни чудо што петунијата е најпопуларното летно растение. Можете да ги одгледувате од семе, но со садници тоа е многу полесно и во исто време гарантира поголем успех. Ако сакате нивните цвеќиња да не одат многу во висина колку во ширина, исечете ги слободно и обликувајте ги со ножици.

I Првото правило е ПОЗИЦИЈА. Петуниите го сакаат сонцето, но обилно ќе цветаат само доколку ги поставите на полуосветлено место. Идеално место за тоа е запад или исток, додека север е она што дефинитивно треба да го избегнувате.

II Второто правило важи за нивното ЧИСТЕЊЕ. Редовно отстранувајте ги исушените делови, за да можат да никнуваат нови цвеќиња.

III Важно е редовно и обилно да се наводнуваат рано наутро. Најдобро е дождовница или застоена вода, но не заборавајте да избегнувате наводнување на цветот бидејќи може да пожолти. Не претерувајте со количината на вода бидејќи во тој случај ќе цвета помалку. Наводнете ја само почвата околу цветот.

Каранфилот е зимзелено растение, кое се одгледува речиси во секој двор заради неговите убави цвеќиња. По популарност, се смета еднаков како розите. Нема главен корен, туку разгранет и плиток коренски систем кој се шири. Стеблото е исправено и се разгранува на врвот.

Лисјата се тврди и тесни со розева боја. Може да достигне максимална висина од 80 см, а просечната висина изнесува 40 см. Цветот е изграден од 5 ливчиња со назабени рабови и кружна форма.  Тој е многу миризлив и цвета од пролет до есен, иако зависи од видот и климатските услови.

Цветот може да биде црвен, розов или бел во сите нијанси, а некои се дури и двобојни. Каранфилот го има низ целиот свет, но за негова татковина се смета Европа. Тој е прилагоден на умерена температура, така што во суптропскиот и тропскиот дел се одгледува во шатори со влага и контрола на температурата.

Каранфилите најчесто се повеќегодишни растенија, па затоа е потребно да се избере делот од градината каде што ќе можат слободно да се размножуваат и шират. Одличен е за одгледување во карпести или покачени цветни леи, па затоа одговара добро со растенија за кои се потребни истите услови.

Каранфилот бара редовно наводнување, но не премногу вода што се задржува. Садниците треба да се наводнат веднаш по садењето и редовно да се наводнуваат во наредните 2-3 недели. Подоцна, наводнувањето се одвива со прскање каде што растенијата се наводнуваат рамномерно на секои два дена.

Кога наводнувате, треба да се избегнува вода од чешма, а наводнувањето да го правите навечер. За да даде убави цветови, каранфилот бара зголемена количина на ѓубриво за да се добијат убави и богати цвеќиња. Оплодувањето започнува пред садењето со подготовка и додавање на ѓубриво, најмалку 60 дена пред садењето.

По садењето, растенијата треба да добијат течно ѓубриво богато со азот и калиум. Доколку садењето сте го направиле во саксија, кога каранфилот ќе пушти корен треба да се пресади на понатамошно место на раст. Се пресадува со коренот во дупка длабока околу 30 см.

Важно е претходно да се подготви и олабави почвата и да се додаде хранливо ѓубриво. Пресадувањето може да се изврши во пролет или есен, во зависност од развојот на коренот. Послабиот корен нема да го преживее студот, па затоа е пожелно да се пресади такво растение на пролет.

Жалфијата расте во суви и топли области. Жалфијата е повеќегодишно растение чии стебла растат од 50 -80 сантиметри. Не сака вишок влага, но може да се одгледува на почва со ниска плодност. Есенцијално масло од жалфија се добива од билките одлегедувани на полиња со многу светлина.

Во првите недели од посадувањето, потребно е да ја наводнувате жалфијата два – три пати наутро, а откога ќе никне коренот наводнувањето треба да се намали на еднаш до двапати неделно. Бидете внимателни во наводнувањето.

Лобелија е совршени за балконско цвеќе. Родот лобелија припаѓа на семејството Campanulaceae и вклучува и годишни и повеќегодишни видови. Но, во нашата земја, овие деликатни цветови може да се одгледува само како годишници, бидејќи тешко ја преживуваат зимата.

Лобелијата припаѓа на група на бавнорастечки цвеќиња, така што засадувањето може да го направите во февруари, а цветањето ќе започне во мај. Лобелијата треба да стои на место со многу светлина, но поради бавниот раст, треба да ја заштитите од надворешните ветрови и врнежи.

Па, доколку одлучите да ја посадите треба внимателно да ја чувате и да и обезбедите стаклена градина за успешно цветање. Наводнувањето за време на топлото и суво време треба да се одвива двапати неделно. Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска.