Овие вкусни уштипци ги правам во секоја слободна прилика, особено ако ми дојдат гости, па како предјадење ги послужувам овие мекици-уштипци. Тестото се прави релативно брзо, не се чека да стаса туку веднаш се замесува и се развлекува, па се сече и се врти околу пиперките и на крај се пржат во масло.




Важно е да знаете дека не се многу масни и готови се за околу 30 минути, целата процедура е брза, а ако сте вешти сигурно ќе ви треба и помалку време да ги подготвите. Јас да ви кажам дека кај мене ги јадат повеќе од било кое главно јадење кое ќе го послужам на масата и секогаш ми викаат дека им се малку.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 7 средни пиперки, урда или сирење, 1 јајце, 5 супени лажици кисело млеко, 1 мала лажичка сол, 200 г брашно, 12 г прашок за печиво или 1 кесичка. Од оваа количина излегуваат 7 уштипци и количината на состојките во тестото е прилагодена според бројот на пиперките.




Во случај ако сакате да направите поголема количина, моја препорака е да не ја удвојувате количината на состојките, туку одделно да замесите второ тесто бидејќи сепак не е исто кога тестото се развлекува во поголема количина од пропишаната. Тоа е мој совет, а и исто време одзема, плус полесно се работи со помало тесто.




ПОСТАПКА: Најпрво пиперките запечете ги директно на рингла, како што се пржат за пинџур, на ниска температура, од сите страни по малку. Потоа кога малку ќе омекнат, тргнете ги од рингла и почекајте малку да се оладат за да може да ги филувате со урда или сирење.




Прво посолете ги од надворешноста, па на средина направете еден рез кој ќе ги отвори на средина каде што исто се посолува, па потоа се филува со урда или сирење. Ако користите урда тогаш добро посолете ги по ваш вкус, а бидејќи сирењето е повеќемасно и посолено, во тој случај според него одредете ја количината на сол која ви одговара.




Исто така, заборавив да ви кажам да ги извадите дршката и семките од пиперките пред да почнете со посолување и филување. Тргнете ги пиперките настрана и подгответе го тестото: скршете едно јајце во сад и додајте 5 лажици кисело млеко и 1 мала лажичка сол. Убаво соединете со жица или маталка.




Потоа измешајте ги брашното и прашокот за печиво и постепено додавајте ги во смесата додека да добиете фино и мазно тесто, кое не се распаѓа и не се лепи. Тестото нема потреба да чекате да стасува, туку веднаш по замесувањето префрлете го на набрашнета работна површина и развлечете го што е можно потенко.




Кога ќе го развлечете, исечете ленти со дебелина од 1,5-2 прста и со секоја лента обложете ја секоја филувана пиперка. Ако за некоја пиперка не ви стигнува од тестото, може да скинете малку од наредната лента и да го довршите филувањето.




Уштипците се пржат на умерено масло, ќе ви треба околу 150 мл и да биде малце загреано. Редете ги во тавчето и пржете од двете страни додека убаво да заруменат, а потоа вадете ги на хартија за печење, а кога ќе се оладат конечно послужете ги и вкусете го најубавото предјадење.