Мантиите се стар традиционален рецепт кој е исклучително многу вкусен и познат во нашите краишта. Најчесто се подготвуваат со мелено месо, но во нив може да додавате секаков фил: со сирење, спанаќ, мраз, а преубави се и кога се празни.




Можеби се подготвуваат малку подолго време, но во тоа е тајната за овој неповторлив вкус. Сепак не се чека долго време тестото да стаса, само подолго време е потребно во развлекување на корите, но доколку сте вешти тоа може да го направите и за 15-20 минути.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 600 мл млака вода, 1/2 лажичка сода бикарбона, 1000-1300 г брашно, 1 лажичка сол, 1/2 лажичка сув квасец, 320 г путер/маргарин. ЗА ФИЛ: 800 г јогурт/павлака/кисело млеко, сол по потреба, 2-3 чешниња лук или како зачин.




ПОСТАПКА: Во еден сад ставете 600 мл млака вода и веднаш потоа ставете 1/2 лажичка сода бикарбона. Малку промешајте со лажица и започнете внимателно да го додавате брашното. Ќе ви биде потребно од 1000-1300 г брашно.




Најпрво додајте околу 500-600 г, заедно со 1 лажичка сол и 1/2 лажичка сув квасец и се’ заедно измешајте до соединување. Потоа додајте уште 500 г брашно и замесете фино, меко и еластично тесто, нелепливо под прсти, а ако е потребно додавајте по потреба уште малку брашно додека да ја постигнете посакуваната конзистентност.




Замесеното тесто вратете го во садот кај што првично го направивте и покријте го со крпа, па оставете да отстои 10 минути. Потоа поделете го на два еднакви делови и секој дел развлечете го со раце во дебел валјак. Од тој валјак со нож се сечат 10-12 парчиња, зависи од големината (погледни во видеото подолу) од двете теста.




Сите делови од тестото посебно се формираат во круг и се оставаат да одморат 5 минути под крпа. Потоа секој дел се развлекува со оклагија во тенок круг и се премачкува со претходно растопениот путер. Значи, развлекувате едно топче во круг и го тегнете уште малку со раце, го ставате на работна површина и премачкувате со малку путер. Одозгора се става второ тесто и така се реди додека да ги потрошите сите делови.




Растегнатото тесто треба да биде доста тенко како лист хартија, а потоа се превртува и се премачкува со растопениот путер од задната страна. Потоа започнете да го виткате тестото како ролат околу 1 прст дебелина. Оттука се сечат мали коцкички, па се продолжува со виткање на ролатот додека коцкичките ги редите во намастен плех и го исполните целиот како венец.




Одозгора се премачкува со преостанатиот путер и се пече во претходно загреана рерна на 200 степени, 20-25 минути. Во меѓувреме се подготвува филот од мешање на следниве состојки: јогурт (може да користите и павлака или кисело млеко) со неколку ситно сечкани чешниња лук или зачин во гранули со сол по потреба.




По печењето, врз мантиите се прелива од филот и се покрива, па се остава 10 минути да отстои пред да се послужи. Доколку сакате мантиите да ги направите со некаков фил, тогаш можете да ги филувате пред да почнете со постапката на сечење на коцкичките. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.