Многу вкусен кокос колач во два слоја, а се приготвува за многу кратко време. Прво се мешаат состојките за кората и добиената смеса се излева во калап и се става на печење. Потоа само го правите кремот и го филувате врз кората.
Без многу објаснување, овој рецепт е детално објаснет и многу лесно ќе го запамтите. Јас го правам во секоја прилика кога треба да се послужи нешто вкусно и благо. Децата го бараат и го сакаат повеќе од чоколадо.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА БИСКВИТ: 5 јајца, 1 ванилин шеќер, 100 г шеќер, 100 мл масло, 150 г брашно, 2 мали лажички прашок за печиво, 3 лажици какао. ЗА КРЕМОТ: 1 литар млеко, 100 г шеќер, 2 пудинзи од ванила, 2 лажици густин, 50 г кокос, 100 мл млеко, 1 кесичка шлаг.
ПОСТАПКА: Во подлабок сад скршете ги јајцата и изматете ги пенасто со миксер. Потоа додајте го шеќерот, измешан со 1 кесичка ванилин шеќер и продолжете да матите додека шеќерот да се растопи во јајцето. Додајте 100 мл масло и соединете ја целата смеса под миксер.
Постепено се додава брашното заедно со прашокот за печиво и се продолжува со матење сè додека да се ослободите од грутчињата кои може да ги предизвика брашното. На крајот се наросува какаото и смесата се меша во чоколадна.
Смесата треба да биде лесна и еднолична. Целата се излева во намастен плех и добро се измазнува, па калапот се протресува од површината за да се ослободат меурчињата со воздух на дното. Јас колачот го печам во подолг калап за бисквитот да излезе потенок, па затоа се пече и пократко време.
Печете во претходно загреана рерна на 180 степени, 15 минути. По печењето оставете бисквитот малку да се олади, а за тоа време подгответе го кремот: во тенџере ставете 1 литар млеко и додајте 100 г шеќер. Промешајте со шпатула и почекајте да се загрее малку.
Потоа додајте ги пудинзите од ванила и густинот. Малку промешајте, па додајте го кокосот. Измешајте ја целата смеса повторно и кога млекото ќе зоврие, продолжете со константно мешање додека да се направи фин, густ крем како пудинг.
Потоа кремот се трга настрана и се чека да се олади и се покрива одозгора со проѕирна фолија за да не фати коричка. Во меѓувреме направете вдлабнатини од кората за кремот да продре помеѓу. Можете да вадите со капаче или модла. Остатоците изблендирајте ги.
Кога кремот ќе се излади, изматете го со миксер за малку да го разредите, па во него додајте уште 100 мл млеко, на собна температура и 1 кесичка шлаг. Измешајте во едноличен крем. Целата смеса се премачкува врз кората, а одозгора се декорира со изблендираните парчиња од бисквитот и се наросува малку кокос. Ставете го во фрижидер да се олади 4-5 часа. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.