Десерт кој се топи во уста. Го јадат и најпребирливите дечиња и бараат по второ, а понекогаш и трето парче. Може да се послужува наместо торта или колач и се прави многу полесно и побрзо. Ќе ви бидат потребни следниве состојки:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за бисквит: 6 јајца, 125 г шеќер или 3/4 чаша од 200 мл, прстофат сол, 110 г бело брашно или 4/5 чаша, 25 г какао или 1,5 голема лажица, 1 мала лажица прашок за печиво, 50 мл масло.




ЗА КРЕМ: 300 г маскарпоне или крем сирење, 30 г шеќер во прав или 1,5 голема лажица, 150 мл неутрална павлака со 33% мм или 3/4 чаша, 1 мала лажица ванилин шеќер. ЗА ГЛАЗУРА: 80 г чоколадо, 70 мл неутрална павлака, 100 г печени кикирики.




И ЗА КАРАМЕЛОТ: 230 г шеќер или 9 големи лажици, 80 г путер, прстофат сол, 160 мл неутрална павлака и 130 г печени кикирики.




ПОСТАПКА: За карамелот, најпрво во нелепливо тавче ставете го шеќерот и почекајте да се растопи во карамела. Во течниот шеќер додајте го путерот и мешајте до соединување. Кога путерот ќе се растопи додајте ја неутралната павлака.




Кога течноста ќе зоврие, гответе уште 2-3 минути со повремено мешање за да не загори. Потоа тргнете од оган и додајте малку сол и печените кикирики, па соединете и оставете да се лади настрана. ЗА БИСКВИТОТ: Јајцата скршете ги во еден сад и додајте го шеќерот.




Додајте и малку сол и измешајте со миксер додека да се формира пенаста смеса со поголем волумен. Потоа додајте го брашното, какаото и прашокот за печиво просеани преко сито, соединете и на крајот додајте го маслото. Чоколадната смеса префрлете ја на плех со хартија за печење (40х30 см) и добро измазнете. Печете во претходно загреана рерна на 180 степени, 15-20 минути.




По печењето превртете го бисквитот на рамна подлога со поставена памучна крпа и извадете ја хартијата за печење од него. Додека е сè уште врел завиткајте го како ролат во крпата и оставете го да се олади. Ова мора да го направите веднаш по печењето, во спротивно кората ќе ви се распука.




ЗА КРЕМОТ: Крем сирењето изматете го со шеќерот во прав, неутралната павлака и ванилиниот шеќер до соединување. Изладената кора ставете ја на хартија за печење. Прво премачкајте ја со карамелот со кикирики и добро измазнете. Одозгора ставете го белиот крем од сирење и исто добро измазнете го. Завиткајте го ролатот со помош на хартијата за печење и ставете го во најлонска фолија, па во фрижидер да се стегне 3-4 часа.




Глазурата направете ја класично со растопување на сите состојки на пареа или директно на рингла и на крајот додајте ги кикириките. Прелијте ја врз ролатот кој сте го ставиле на решетка и оставете уште малку да се стегне. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.