„Сурфаф по нетот“ барајќи нешто во врска со уредувањето на станот, постелнини и слично, и сосем случајно налетав на овој рецепт. Нема врска со постелнина, но насловот и фотографијата ме привлекоа, па го отворив линкот и се воодушевив. Немав миp додека не го испробав колачов, а оттогаш редовно и многу често го приготвувам.
На некои места можете да го најдете под име „Сошиен дедо“ или „Штепдедо“, „Јорганче“ или „Перничиња“. Јас го сочував онака како што го запишав – перничиња. Колачот се приготвува од едноставни состојки, многу брзо и лесно, единствено пто треба е да се почека да се олади. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (рецепт 1): 5 јајца, 220 г брашно, 180 г шеќер, 1 лажичка прашок за печиво (1/2 кесичка), 125 мл масло, 3 лажици какао, 125 мл вода. ЗА КРЕМ: 500 г свежо сирење, 1 кесичка пудинг од ванила (прашокот), 100 г шеќер во прав
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (рецепт 2): 4 јајца, 350 г брашно, 200 г шеќер, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 1 супена лажица какао во прав, 1 прстофат сол, рендана кора од лимон, 100 мл млеко. ЗА КРЕМ: 500 г свежо сирење, 30 г густин, 1 јајце, 40 г шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г) / рецепт на Антонија Јукиќ
ПОСТАПКА (рецепт 1): Во посебни садови одвојте ги жолчките од белките. Жолчките пенасто изматете ги со миксер заедно со 90 г шеќер. Матете додека шеќерот да се растопи и тие да згуснат и побелат. Додека непрекинато матите додајте во тенок млак масло, а потоа и вода.
Белките пенасто изматете ги со чисти и суви перки од миксерот, а потоа постепено додавајте го остатокот од шеќерот (90 г) и матете сè додека да добиете цврст и сјаен снег кој не паѓа од лажица.
Со дрвена лажица или шпатула постепено додавајте го снегот во смесата од жолчки и соединете. Мешајте полека за да се сочува пенливоста на шнето. Во посебен сад или во сито измешајте ги сувите состојки: брашното, прашокот за печиво и какаото. Додајте ги во смесата од јајца и сето нежно промешајте го до изедначување.
Калап со приближни димензии на 40х30 см намастете го и обложете го со хартија за печење, а потоа излејте ја смесата за бисквит, распоредете и израмнете ја површината. Тргнете на страна додека го приготвувате кремот.
ЗА КРЕМ: Во подлабок сад ставете го свежото сирење, пудингот од ванил и шеќерот, па сето измиксајте го додека да добиете мазен и изедначен крем. Земете слаткарска кеса и наполнете ја со кремот, па врз тестото за бисквит правете хоризонтални и вертикални линии (или шари по ваш избор).
Доколку немате слаткарска кеса, тогаш користете обична кеса за замрзнување на која малку ќе и го потсечете едниот крај. Откако ќе ги направите квадратите или „перничињата“ ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 30-35 минути. Рецепт на Евора. Видео презентација за истиот колач можете да погледнете ОВДЕ.