Mек колач кој со неговата сочност се топи во уста како млечна екс-плозија. Рецептот го најдов во малата тетратка на баба ми која е испишана со разни рецептури. Овој колач беше под името БАБИН ВРЕЛ КОЛАЧ, па веднаш си го запишав и јас рецептот.
Ќе ви бидат потребни само неколку состојки и 15-20 минути време додека да ги измешате состојките, а потоа смесата ја преливате во плех и печете. Колачот е подеднакво вкусен и врел и кога ќе се олади. Еве што ќе ви биде потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 јајца, 250 г шеќер, 350 г брашно, 2 мали лажици прашок за печиво, прстофат сол, 70 г путер/маргарин, 240 мл млеко, 1 мала лажичка ванилин шеќер и шеќер во прав за наросување на колачот.
ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад изматете ги јајцата со жица/маталка. Додајте прстофат сол, промешајте уште малку додека јајцата да станат пенасти, па додајте го шеќерот и преминете на матење со миксер.
Кога смесата ќе се соедини, односно шеќерот ќе почне да се растопува додајте половина од брашното, претходно измешано со прашокот за печиво. Измешајте додека брашното да се соедини во течноста, а втората половина зачувајте ја за подоцна.
Во тенџере ставете го млекото да зоврие заедно со путерот/маргаринот и 1 лажичка ванилин шеќер. Кога млекото ќе зоврие, со повремено мешање тргнете го тенџерето од рингла и додајте половина од течноста во првата смеса од јајца.
Измешајте, па додајте го остатокот од брашното и на крајот остатокот од млекото. Убаво соединете ја целата смеса додека да биде без грутчиња, треба да има конзистентност малку погуста од онаа за палачинки.
Плех со димензии 32х20 см обложете го со хартија за печење и во него излејте ја смесата. Печете во претходно загреана рерна на 180 степени, 35-40 минути додека да фати коричка одозгора.
По печењето оставете колачот малку да се излади, па потоа наросете го со шеќер во прав. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.