Дејството од цигарите е многу штетно, па затоа е потребна поголема едукација која треба да започне уште во градинките.
Со намалување на бројот на пушачите, автоматски се намалува и бројот на заболувања и смртноста кај популацијата. Цигарите денес најтешко се оставаат, бидејќи зависноста се стекнува за две до три седмици од започнувањето. Причината за тоа е нивното хемиско третирање. Цигарите не се како што биле некогаш, а во нив се додаваат разни хемикалии кои брзо создаваат зависност кај уживателот.
Постои голема заблуда кај луѓето, бидејќи повеќето мислат дека она што ќе го вдишеме не останува во белите дробови, туку со издишувањето се исфрла надвор. Поради тоа, многумина внимаваат на она што го јадат, а не и на она што го вдишуваат. Факт е, меѓутоа, дека со секој дим од цигарата се внесуваат 7.537 различни хемикалии, кои од белите дробови, преку крвотокот се внесуваат до сите делови од организмот.
За да се намали штетноста од пушењето, поттикнати од рекламите, пушачите посегнуваат по наизглед помало зло – слим цигари, односно потенки цигари.
Тоа е чиста измама, бидејќи нивото на јаглероден-моноксид и катран се целосно идентични како и во обичните цигари. Пушачите на пример, ретко знаат дека количината на штетни материи кои се означени на амбалажата, се однесуваат само на една цигара, а не на целата кутија!
За ослободување од никотинската зависност најважна е силната волја. Во пракса се покажало дека на бројни пушачи им се потребни и лекови за успешно и засекогаш да ги остават цигарите. Некогаш порано, за целосно одвикнување од цигари беа потребни само 25 дена.
ИНТЕРЕСНИ ПОДАТОЦИ ЗА КОИ ПОМАЛКУ СЕ ЗНАЕ:
-1 до 2% пушачи спонтано можат да ги остават цигарите, за останатите е неопходна стручна помош и терапија со одговарачки лекови.
-3 до 4 секунди му е потребно на никотинот да стигне до мозокот.
-Околу 2-3000 денари просечно потрошува секој пушач месечно. Годишно, тоа се околу 500 евра.
-10 до 15 години, пушачите живеат пократко од непушачите.
-50% од пушачите умираат од болести предизвикани од пушењето, што не мора да значи дека тоа ќе биде рак на белите дробови.
-24 часа по престанокот од пушењето, јаглен-моноксидот се елиминира од телото, за три дена никотинот целосно исчезнува од организмот.
-30% се подобрува функцијата на белите дробови после само две до три седмици по престанокот на пушење.
-50% се намалува ризикот од појава на срцеви болести после година дена од престанок на пушењето.
-10 години по оставањето на цигарите веројатноста за умирање од карцином се изедначува со онаа на непушачите.